Млада туристка од Германија вчера на плажата Лабино во Охрид останала без својот ранец, во кој се наоѓале лични документи, банкарски картички, мобилен телефон и пари. Луси, која во Охрид престојувала на одмор со своја другарка, раскажа дека тие изнајмиле кајак и со него пристигнале на плажата Лабино. Го оставиле ранецот на брегот, а додека пливале во езерото, непознат сторител го земал.
Веднаш по забележувањето на кражбата, повикале полиција и го пријавиле случајот. Со големи напори, Луси успеала да стапи во контакт со својата банка во Германија и да ги блокира картичките, но, како што вели, целиот процес бил исклучително тежок и стресен.
„Дојдовме да уживаме во Охрид, а останав без најважните работи. Со изнајмен кајак пристигнавме на плажата Лабино. Го оставивме ранецот на плажата и влеговме во вода. Кога се вративме, ранецот го немаше. Моја грешка е што не замолив некого да внимава на нашите работи. Утре требаше да се вратиме дома, а сега не знам како ќе го организирам патувањето. Среќа е што можеби пасошите ни се во апартманот каде што престојуваме“, раскажа низ солзи младата туристка.
Кражбите на охридските плажи со години наназад се проблем. Најчесто мета на крадците се мобилни телефони, паричници, банкарски картички, часовници, фотоапарати и други вредни предмети што туристите ги оставаат без надзор додека се капат или одмораат. Полицијата секоја година апелира до граѓаните и туристите да внимаваат на своите лични предмети и да не ги оставаат без присуство, како и да преземат дополнителни мерки на претпазливост.
„Отсекот за превенција при СВР Охрид летово интензивно спроведува превентивно-едукативни активности со цел заштита на граѓаните и туристите кои престојуваат во Охрид од сторители на кражби, џебни кражби и други имотни деликти. Полициски службеници од Отсекот за превенција на различни локации во градот остваруваат кратки средби со граѓани и туристи и ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети и да не ги оставаат необезбедени. На граѓаните и туристите им се делат и едукативни летоци со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот ‘Полициско работење во заедницата’, што подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици, што ќе придонесе за зголемена јавната безбедност“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Лабино со години важи за едно од омилените места за капење на охриѓани, а во последните години сè почесто ја избираат и странски туристи, кои бараат помирна атмосфера и природен амбиент. Жителите на Охрид велат не паметат дека на оваа плажа имало кражби, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај, кој ја наруши сликата за ова мирно и безбедно место покрај езерото.
С. ВРЕНЦОВСКА



