Од туризмот годинава се очекува 2,5 милиони ноќевања и над 400 милиони долари директен прилив од секторот во домашната економија. Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, туристичкиот сектор забрзано закрепнува, а за тоа најмногу придонеле традиционалните гости од регионот – Косово, Србија, Албанија, како и од Турција и Полска.
„Во 2022 ќе имаме и повеќе чартер летови. Од средината на мај од Холандија, почеток на јуни од Полска, кон крајот на мај стартува новата линија Тел Авив-Скопје, во почетокот на јуни и новата линија Измир-Скопје, а се очекува и уште една нова линија, а тоа е Марибор-Скопје. Очекуваме сезоната да трае до крајот на септември“, вели Јаневски.
Засега нема откажувања на полските туристи. Дел од туроператорите веќе потврдиле за пет до седум илјади туристи кои ќе пристигнат од Полска.
„Се надевам дека 2022 година ќе имаме ист или поголем број на полски туристи во однос на минатата, кога имавме 19 илјади. Очекувам дека ќе стигнеме до бројката од 25 илјади“, додава Јанески.
Во новиот извештај на Светската туристичка организација (UNWTO) Македонија се наоѓа на 5-то место во светот согласно процентуалното зголемување на бројот на странски туристи во 2021, односно растот е за 138 проценти. Јанески вели дека тоа е резултат на заедничките активности со туристичкиот сектор во изминатиов период. Очекува дека растот ќе продолжи и годинава и покрај неповолните економски состојби предизвикани од ковид-кризата и конфликтот во Украина.
Тој најави дека во 2022 ќе почне и новата стратегија во туризмот. АППТ планира и да ја брендира земјава како туристичка дестинација, да креира ново лого кое ќе се развие во државна кампања во 2023, како и да го зголеми присуството на државата на традиционалните пазари со кампања која ќе почне во средината на мај.
„Со нови авионски линии од повеќе странски дестинации, како и низа промотивни активности, обуки и семинари, ќе бидеме во чекор со светските туристички текови, со цел зголемување на бројот странски туристи, а со тоа и зголемен девизен прилив по основ на туризам“, вели Јанески.
Според проекциите на АППТ, до 2025 македонскиот туризам ќе достигне над пет милиони ноќавања и преку 600 милиони долари прилив.
С. ВРЕНЦОВСКА