ТУРСКАТА УМЕТНИЦА ЧИГДЕМ ОНДЕР ЕР СО ПРВА САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА ВО МАКЕДОНИЈА, НЕЈЗИНИТЕ ДЕЛА ОД КЕРАМИКА И ПОРЦЕЛАН ПЕЧЕНИ НА ТЕМПЕРАТУРА ОД 1.220 СТЕПЕНИ СЕ ИЗЛОЖЕНИ ВО ШТИПСКИОТ БЕЗИСТЕН

    ТУРСКАТА УМЕТНИЦА ЧИГДЕМ ОНДЕР ЕР СО ПРВА САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА ВО МАКЕДОНИЈА, НЕЈЗИНИТЕ ДЕЛА ОД КЕРАМИКА И ПОРЦЕЛАН ПЕЧЕНИ НА ТЕМПЕРАТУРА ОД 1.220 СТЕПЕНИ СЕ ИЗЛОЖЕНИ ВО ШТИПСКИОТ БЕЗИСТЕНТурската вајарка Чигдем Ондер Ер првпат изложува во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Петнаесетина вајарски дела од керамика и обоен порцелан се изложени во Уметничката галерија Безистен во Штип од познатата турска уметничка Чигдем Ондер Ер, која прв пат во Македонија се претставува самостојна изложба, насловена „Оган и природа“.

    „Првпат и во Штип се отвора ваква специфична изложба со експонати од керамика и порцелан кои се рачно изработени со посебни методи и техника и со посебна лабораториска обработка“, рече директорот на Музејот во Штип, Мите Штерјов, на отворањето на изложбата која ќе трае до 4 септември.

    „Во последните години почнав да работам комбинирано со обоен порцелан и шамотна глина – керамика, низ кои ги претставувам формите што ги замислувам. Тоа се прочистени и еднаш изработени материјали од глина и порцелан. Главно ги преферирам белата и сината боја и природната црвена боја што си ја има глината и керамиката. Користам посебна техника со рачна изработка со помош на калапи, се пресуваат и на крајот делата оформени во посебна лабораторија што ја имам во моето ателје повторно се печат на температура од 1.220 степени. Тоа е техника која се развива со години“, вели Чигдем која рече дека Штип го избрала поради тоа што овој град и луѓето во него се со уметничка душа, како и поради соработката што таа и нејзиниот сопруг, исто така уметник ја имаат со штипскиот скулптор Никола Смилков.

    Чигдем Ондер Ер дипломирала на Универзитетот во Анадолу, отсек керамика, а докторирала во 2023 на истиот Универзитет каде е и предавач. Редовен предавач е и на училишта за лица со посебни потреби. Била учесник на голем број керамички симпозиуми и е дел од голем број групни изложби во повеќе градови во светот. Редовна членка е на уметничките салони во Анкара и Измир и постојано е на овие релации затоа што е родена во градот Ескишехир кој е на средината меѓу главниот град на Турција и Измир.

    Како што вели Чигдем, од Македонија ја започнува својата нова турнеја на изложби и симпозиуми во неколку градови на Балканот, која сепак ќе трае до почетокот на новата студиска година.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира