УЧЕНИК СКРШИЛ НОГА ОТКАКО ВО ИГРА СКОКНАЛ ОД ПРВИОТ КАТ НА УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕС

    УЧЕНИК СКРШИЛ НОГА ОТКАКО ВО ИГРА СКОКНАЛ ОД ПРВИОТ КАТ НА УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕСИнцидентот се случил во велешкото основно училиште „Панко Брашнар“ (Фото: СДК.МК)

    Четиринаесетгодишен ученик во велешкото основно училиште „Панко Брашнар“ скокнал од први кат и тешко се повредил. Инцидентот се случил вчера утро, пред почетокот на наставата, кога детето по инаетење со соученик од одделението дека (не)може да скокне, рипнал од пет метри височина. При падот на бетонската подлога, тој се здобил со скршеница.

    „Во СВР Велес е пријавено дека во основното училиште ‘Панко Брашнар‘, при игра со соученици, од прозорец на една од училниците на првиот кат паднал ученик од 9. одделение. Детето притоа се здобило со тешка телесна повреда и било пренесено во болницата во Велес“, информираше Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес, додавајќи дека се работи на расчистување на случајот.

    Од ЈЗУ Општа болница Велес информираа дека утрото околу 8 часот бил примен пациент кој имал повреда при пад од височина.

    „Кај детето е констатирана скршеница на потколеница и поради можноста за компликација, откако му се дадени неопходните помош и терапија, беше пратено на лекување во Скопје“, рекоа од ЈЗУ Општа болница Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира