УЧЕНИЦИ И ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАЕДНО ПЕЕЈА И ИГРАА ОРА НА ШИРОК СОКАК

    УЧЕНИЦИ И ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАЕДНО ПЕЕЈА И ИГРАА ОРА НА ШИРОК СОКАКИ лицата со интелектуална попреченост имаат свои таленти и потребни им се можности да ги развиваат (Фото: СДК.МК)

    Заедно играјќи ора и пеејќи на плоштадот Магнолија во Битола, ученици од 4/3 одделение во основното училиште „Тодор Ангелевски“ и штитениците на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ порачаа дека сите деца се исти.

    „Преку соработката јавно дадовме поддршка на лицата со интелектуална попреченост. Во нашето училиште владеат љубов и отвореност кон децата со интелектуална попреченост и затоа тие не се чувствуваат отфрлено и занемарено“, рече наставничката Весна Гагаловска.

    Во организација на „Порака“, во Битола се одржа и панел дискусијата „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што, пак, е дел од проектот „И ние можеме и сакаме да пееме“, кој има за цел да покаже дека и лицата со интелектуална попреченост имаат свои таленти и дека им се потребни можности да ги развиваат.

    „Овој период сме насочени кон социјалните активности и излегувањето надвор, со цел социјализација и подобрување на начинот на перцепција на околината кон лицата со интелектуална попреченост. Најголемата бариера која треба да се премости е неприфаќањето и дискриминацијата од средината, која на нив гледа како на посебна категорија. Доволно е да го отвориме срцето и кај нив ќе препознаеме топлина и љубов“, рече Јулијана Трајчевска, претседател на „Порака“.

    Оливера Петровска е мајка на 22-годишно девојче со интелектуална попреченост кое сака да пее, но освен во „Порака“, нема каде на друго место да се унапредува.

    „Таа пее, има талент, сама научи да свири на флејта, ѝ купивме синтисајзер и тапани, гледа на интернет и така учи. Дадовме барање во музичко училиште да ја примат пред четири години, но бевме одбиени, зашто немало такви можности“, рече Петровска.

    Од центарот „Порака“ ги повикаа родителите да не ги кријат децата со интелектуална попреченост, туку да им помогнат да се социјализираат и да ги развиваат своите способности. Оние кои ја посетуваат „Порака“ прават изработки, пеат, танцуваат и цртаат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира