УЧЕНИЦИ ОД КРИВОГАШТАНИ ОСМИСЛИЈА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ШТО МОЖАТ ДА СЕ ИСКОРИСТАТ ЗА НАВОДНУВАЊЕ

    УЧЕНИЦИ ОД КРИВОГАШТАНИ ОСМИСЛИЈА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ЗА ОТПАДНИ ВОДИ ШТО МОЖАТ ДА СЕ ИСКОРИСТАТ ЗА НАВОДНУВАЊЕПречистителната станица за отпадни води е изум на ученици од основното училиште „Манчук Матак“ од Кривогаштани (Фото: СДК.МК)

    Дел од земјоделците во Пелагонија преку лето се соочуваат со недостиг на вода за посевите. Ученици од основното училиште „Манчук Матак“ од Кривогаштани измислија пречистителна станица за отпадните води, која потоа може да се искористи за наводнување. Проектот е меѓу наградените од Фондот за иновации и технолошки развој на повикот „Предизвик за млади истражувачи“.

    „Отпадната вода минува низ ротатор што ја води низ различни комори на пречистителната станица. Откако ќе заврши сето тоа, преку хидросистем се доставува до земјоделците. Нашиот план е да им го понудиме ова на општините, посебно во реоните каде што земјоделството е примарна дејност“, рече ученикот Христијан Пусоски.

    Наградените проекти деновиве беа претставени на мини-саем во Битола, од каде се и училиштата со најнаградувани изуми. Ученици од „Стив Наумов“ од Битола најдоа начин со филтри и растенија да го прочистуваат воздухот во училницата, а од гимназијата „Јосип Броз Тито“ ги истражуваа тешките метали во почвата. Изумите изобилуваа со креативност, оригиналност и полезност зашто сите беа во интерес на здрава животна средина. Доколку би се спровеле на дело, би имале чиста вода, воздух и почва.

    Наградените проекти беа претставени на мини-саем во Битола (Фото: СДК.МК)

    „Нашиот проект е за намалување на штетното влијание на јаглеродниот диоксид од автомобилите. Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата. Филтерот го поставивме на ауспухот од автомобил и се покажа дека количеството јаглероден диоксид се намали за 30 проценти“, рече Бранкица Митова од училиштето „Димитар Влахов“ од Струмица.

    Програмата за млади истражувачи Фондот ја отпочна пред две години и како што напомена директорот Јован Деспотовски, учествуваат над 50 основни и средни училишта од земјава со 500 ученици. Дополнително имаат уште две програми со Американската агенција за меѓународен развој и со УНИЦЕФ, со цел да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и да се охрабрат да останат тука и да развијат свој бизнис.

    „Интересот е голем, досега се вложени 15 милиони денари за реализација на проектите, а укинавме и некои непродуктивни трошоци на Фондот за да ги поддржиме ученичките проекти“, рече Деспотовски.

    Професорката Цвете Димитриевска од Техничкиот факултет во Битолa, која беше вклучена во истражувачкиот проект на „Технобен нова“ од Прилеп, рече дека повеќето од учениците кои работат на овие проекти ги гледа во техничките струки, каде се многу потребни.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира