На 15 ученици од населбата Шуто Оризари им беа поделени лаптопи за да можат онлајн да ја следат наставата, а на 60 семејства хуманитарни пакети. Помошта е доделена од Центарот за социјални иницијативи „Надеж“, во рамките на проектот „Трајно враќање и реинтеграција на ромските семејства во Република Северна Македонија“ финансиран од Германското сојузно министерство за надворешни работи преку Германската амбасада во Скопје.
„Целта на проектот е да се олесни интеграцијата на 60 ромски семејства-повратници на пазарот на трудот, преку зајакнување на нивниот потенцијал за вработување и создавање на одржливо вклучување и задржување на нивните деца во образовниот систем во општината Шуто Оризари“, велат од „Надеж“.
Во рамките на „Надеж“ функционира и Едукативниот центар и Центарот за предучилишно образование, што редовно ги посетуваат 80 деца на училишна возраст и 40 на предшколска возраст.
„Во време на пандемија кога најмногу е потребна помош, повторно се вклучивме во акција да помогнеме таму каде што најмногу е потребна помош. Покрај хуманитарни пакети составени од прехранбени пакети и хигиенски материјали за 60 семејства, денес дополнително беа поделени и 15 таблети на децата кои немаат можност да се вклучат во следењето на онлајн наставата. Овие деца се од повеќедетни семејства и родителите немаат услови да овозможат електронски уред за секое дете да може да ја следи наставата“, велат од Надеж.
А. АНТЕВСКА