Втора година по ред, тетовските ученици кои ја следат наставата на македонски јазик го одбележаа Денот на независноста на Македонија со приредба на Градскиот плоштад. Оваа година, одбележувањето беше под мотото „Те сакаме Македонијо“, а организатори на приредбата беа одделенските наставници од тетовските училишта.
„Децата со радост се дојдени на Градскиот плоштад за да го прославиме роденденот на нашата татковина. Посакувам уште многу, многу години да прославуваме тука на плоштадот и тоа да прерасне во традиција“, изјави наставничката Соња Трифуновска, одделенска раководителка.
Учениците од сите тетовски училишта каде наставата се изведува на македонски јазик имаа точка посветена на татковината со која се претставија пред публиката, а со свои изведби и кореографии настапија и детските хорови „Крешендо“ и „Лале“, како и КУД „Шара“ и КУД „Бранко Чајка“ од Тетово.
З. АНДОНОВ