УЧЕНИЦИТЕ ОДАТ НА ЛЕТЕН РАСПУСТ, УЧИЛИШНИТЕ ДВОРОВИ ВО ТЕТОВО СТАНУВААТ ПАРКИНЗИ

    УЧЕНИЦИТЕ ОДАТ НА ЛЕТЕН РАСПУСТ, УЧИЛИШНИТЕ ДВОРОВИ ВО ТЕТОВО СТАНУВААТ ПАРКИНЗИСо отворањето на училишните дворови ќе се добијат дополнителни 200-250 паркинг места (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово и оваа година ќе дозволи дворовите во четири училишта во градот да се користат како паркинг додека трае летниот распуст за учениците. Ова се прави со цел да се намали сообраќајниот метеж и да се добијат дополнителни паркинг места во овој период од годината, кога во градот доаѓа голем број иселеници со автомобили.

    Општина Тетово ги известува сите граѓани дека почнувајќи од 18 јуни, дворовите на основните училишта ‘Истикбал‘, ‘Лирија‘ и ‘Гоце Делчев‘ и на двата објекта на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ‘ ќе бидат отворени за паркирање возила. Паркингот ќе биде бесплатен. Ова ќе го олесни сообраќајот во текот на летото кога нашите иселеници доаѓаат на одмор и имаме поголема посетеност“, се вели во соопштението испратено од Општина Тетово.

    Во Тетово има регистрирано над 45.000 моторни возила, но во летните месеци нивниот број нараснува за неколку илјади. Тоа создава дополнителен сообраќаен метеж по улиците и тешко е да се најде слободно паркинг место.

    Во Тетово во овој момент има околу 720 паркинг места со кои стопанисува ЈП за паркинзи, а со отворањето на училишните дворови ќе се добијат дополнителни 200-250 паркинг места.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира