УЧИЛИШНИТЕ БИБЛИОТЕКИ НЕМААТ ПРОГРАМИ ЗА УЧЕНИЦИ РОМИ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ПРВИОТ МАГИСТЕР ПО БИБЛИОТЕКАРСТВО

    УЧИЛИШНИТЕ БИБЛИОТЕКИ НЕМААТ ПРОГРАМИ ЗА УЧЕНИЦИ РОМИ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ПРВИОТ МАГИСТЕР ПО БИБЛИОТЕКАРСТВОФатма Бајрам-Аземовска, првиот магистрант по библиотекарство во земјава, е вработена во Битолската библиотека и истражуваше колку училишните библиотеки се успешен модел за развој на учениците Роми (Фото: СДК.МК)

    Во Македонија, поголем дел од учениците Роми на возраст од 9 до 15 години немаат развиено култура на читање, која подразбира свест и потреба за подигање на нивото на сопствените знаења, како и желба за личен развој. Еден дел од учениците воопшто не знаат да читаат иако стигнале  до деветто одделение. Во моментов, училишните библиотеки не одговараат на современите трендови за поддршка на образованието, особено на маргинализираните групи како што се ромските ученици. Ова се дел од заклучоците на Фатма Бајрам-Аземовска, првиот магистер по библиотекарство во земјава, која постипломските студии ги заврши со оценка 10 на Педагошниот факултет во Скопје. Како вработена во Битолската библиотека, таа истражуваше колку училишните библиотеки се успешен модел за развој на учениците Роми.

    „Истражувањето ги потврди хипотезите дека библиотеките немаат програми за ученици Роми, нема посебни активности за мотивирање и ангажирање на ромски ученици во работата на библиотеките, а сегашната организација и видот на работата на библиотеките не го следат потребите за подобрување и развој на образованието на учениците Роми. Заклучок е дека во моментов библиотеките не одговараат на современите трендови за поддршка на образованието, особено на маргинализираните групи, како што се ромските ученици“, вели Бајрам-Аземовска.

    Училишните библиотеки се достапни за сите ромски ученици и во истражувањето не наишла на дискриминација. Но, библиотеките немаат планови насочени кон учениците Роми за нивна мотивација редовно да ги посетуваат и активно да членуваат. Преземањето такви чекори се третира како дополнителна работа на библиотекарите за која не се платени.

    Поголемиот дел од основните и средните училишта се со блокирани сметки и долгови, со што унапредувањето на работата на училишните библиотеки и инвестициите се сведени на минимум. Се врши само одржување на постоечката состојба, која не соодвествува на брзите и драматични промени во општеството кои своја рефлексија имаат и на образованието.

    „Позицијата библиотекар во најголем дел училишта е деградирана и се смета како најдолна во хиерархијата на образовни работни позиции. На местото библиотекар најчесто се става наставен кадар пред пензија, наставници кои немаат полн фонд на часови или сменети директори. Со ова се намалува квалитетот и мотивацијата за успешна работа на училишните библиотеки и исполнување  на функциите и значењето кои ги има“, вели Бајрам-Аземовска.

    Најважна препорака, според неа, е дека мора да има промена, промена на видот на организацијата и имплементација на работата на библиотеките. Тие мора да се прилагодат на современите промени, да бидат поврзани со Интернет и да обезбедат многу други услуги, освен да ги позајмуваат книгите на учениците. Таа предлага отворен модерен простор за библиотеките, целосно опремен со современа компјутерска, аудио и видео опрема и погоден и атрактивен за учениците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира