Околината на основното училиште „Даме Груев“ и градинката „Пролет“ во Битола, каде преку ден престојуваат неколку стотици деца, се меѓу регионите со алармантно аерозагадување што ги регистрира Регионалното географско друштво „Геосфера“ во рамки на тримесечните испитувања. На денешната презентација на резултатите од Здружението соопштија дека во тој реон се идентификувани голем број домаќинства, пекара и фабрика кои загадуваат.
Меѓу алармантните реони се и месностите Дрвен Пазар, Јени Маало и Ат пазар, кои се наоѓаат во близина на центарот на градот, како и највисоките делови од населбата Баир, кај обиколницата, каде палењето отпад е честа појава. Сите идентификувани аерозагадувачи „Геосфера“ ги постави на интерактивна мапа Интернат.
Од истражувањето заклучиле дека главните пикови на ПМ честичките во воздухот се јавуваат во периодот после 15 часот, што се поклопува со периодот на стабилизација на локалното струење на воздухот Пелагонија-Пелистер и потпалувањето на огништата на дрва. Најзагаден ден оваа зима бил 26 декември, 2017 кога биле измерени концентрации од скоро 700 микрограми суспендираната прашина на метар кубен, 14 пати повисока вредност од маскимално дозволената. Најзагаден месец бил јануари со вкупно 26 денови со концентрации на честички над максимално дозволените.
Од „Геосфера“ посочија дека причините за високите концентрации на ПМ честичките во воздухот, во најголем процент лежат во согорувањето на дрвото во огништата на докаќинствата. Во Битола над 62 проценти од домаќинствата согоруваат дрво за затоплување. Согорувањето на дрвото во емисиите на ПМ 10 честичките учествува со 39 проценти, а во ПМ 2,5 честичките дури со 57 проценти.
„Домаќинствата користат огревно дрво со висок процент на влага, кое создава многу големи количини на ПМ честички и според нашите пресметки, тоа е причината на 70 проценти од ПМ честички. Со достава на сертифицирано огревно дрво со низок процент на влага до август ќе се намали аерозагадувањето во градот за најамлку 50 проценти. Голем дел наши граѓани дојавуваа на нашата фејсбук страна дека им ги носат дрвата во ноември, а на некои и во декември. Влажното дрво дава некаде околу 7 до 8 пати повеќе ПМ 10 честички од сертифицирано суво дрво“, рече Мите Ристов, претседател на „Геосфера“.
Во брошурата што ја објави „Гесфера“ пишува дека ПМ честичките поради малиот пречник, можат преку алвеолите во белите дробови да навлезат во крвотокот на организмот и да се таложат во крвните садови, предизвикувајќи тромбови, мозочни и срцеви удари. Всушност, главни причини за смртноста на населението во Битола се карадиоваскуларни заболувања, а тие во голем процент се последица на аерозагадувањето, пишува во брошурата. Согорувањето на дрвото има најголемо учество и во вкупните емисии на диоксидите и фураните. Диоксидите тешко се разградуваат и имаат времетраење од седум години во човековиот организам. Нивната токсичност резултура со зголем број на канцерогени случаи.
Во брошурата како отежната околност за Битола се посочува РЕК „Битола“, од каде според мерењата во 2012 на годишно ниво имало емисии на ПМ10 честички од 9257 тони, седум до осум пати повисоко од дозволените вредности. Воедно, исфрла сулфур диоксид шест до седум пати повеќе од дозволеното и големи концентрации на тешки метали. Сепак, поради поволната ружа на ветрови, влијанието од РЕК врз Битола е ограничено.
„Геосфера“ предложи мерки за намалување на аерозагадувањето во Битола и ги достави со Општина Битола. Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека веќе ја започнале акцијата за засадување на 3.000 садници, а мерките се дадени на сериозно разгледувањето во комисиите и службите за да се види што може најитно да се преземе.
Ж. ЗДРАВКОВСКА