УКИМ НАЈПРИМАМЛИВ ЗА НАЈДОБРИТЕ МАТУРАНТИ, МЕДИЦИНАТА НА ВРВОТ, МНОГУМИНА ЕВТИНО СЕ ШКОЛУВААТ, А ЌЕ РАБОТАТ ВО СТРАНСТВО – АНАЛИЗА НА ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКОВСКИ

    УКИМ НАЈПРИМАМЛИВ ЗА НАЈДОБРИТЕ МАТУРАНТИ, МЕДИЦИНАТА НА ВРВОТ, МНОГУМИНА ЕВТИНО СЕ ШКОЛУВААТ, А ЌЕ РАБОТАТ ВО СТРАНСТВО – АНАЛИЗА НА ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКОВСКИСтуденти на Високата медицинска школа во Битола (Фото: СДК.МК)

    Иако пред петнаесетина години беа отворени повеќе факултети низ државата, и понатаму Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Скопје останува најпримамлив за упис на бруцошите со највисок успех од средните училишта, покажа деталната анализа на д-р Дејан Трајковски редовниот професор од Техничкиот факултет во Битола. Таму дури 39,1 процент од студентите што се запишале во првиот уписен рок имале повеќе од 93 бода при рангирањето, успех кој тој го зема според неговото професорско искуство, како минимум кој предвидува успешно завршување на студиите. На Битолскиот универзитет тој процент е 8,7, а на Тетовскиот дури 5 проценти.

    „Врз основа на овој показател заклучуваме дека отворањето на 24 универзитети во земјата, наводно со цел студентите да студирале блиску до своето место на живеење, беше голема грешка. Резултатите покажуваат дека дури и најмалку имотните студенти со повисоки бодови се запишале на УКИМ, додека на останатите универзитети се запишале само послабите со знаење. Бадијала се отворени сите тие факултети и доколку сите се затворат, нема да има никаква штета по општеството“, посочува професорот Трајковски.

    Тој додава дека од ваквите политички универзитети отворени без никаква оправданоста не само што бегаат квалитетните кандидати, туку одзедоа студенти и од Битолскиот универзитет каде просечната пополнетост на квотите изнесува одвај 27,4 проценти.

    Најслабите кандидати според рангирањата од државна матура, се запишале на Факултетот за физичко образование и спорт, па Факултетот за ветеринарна медицина, за шумарство и земјоделски науки, Педагошкиот факултет каде се школуваат утрешните наставници.

    „Фрапантна е незаинтересираноста на државата за наставничката професија, штом дозволува толку слаби кандидати да се школуваат за наставници. Наместо овој факултет да биде на самиот врв, тој се наоѓа на дното. Доколку имаме квалитетни наставници, утре ќе имаме и квалитетни инженери, доктори, а вака што ќе имаме“, прашува Трајковски.

    Во групата факултети со просечни кандидати се Филозофскиот факултет каде некогаш се запишувале најначитаните кандидати, Факултетот за дизајн на мебел, Архитектонскиот, Филолошкиот, Технолошко-металуршкиот, Техничкиот, Правниот и Економскиот факултет.

    „На Филозофски факултет единствено насоката за психологија го крева просекот. Таму не само што се запишуваат многу кандидати (дури 111), туку и 56,8% имале повеќе од 93 бода. Има ограничените шанси за вработување,, а државата би требало да размисли да го намали бројот на места и да пренасочи кандидати на дефицитарните струки“, посочува Трајковски.

    Групата од најсилни факултети, според успехот на запишаните, ја сочинуваат ПМФ, ФЕИТ, ФИНКИ, Фармацевтскиот, Стоматолошкиот и Медицинскиот факултет. ФИНКИ има една од најголемите пополнетости во државата (69,5%, од што 100% на софтверско инженерство и информациони системи).

    Врвот на листата според успехот го чинат традиционално здравствените струки – фармацевтите, стоматолозите и лекарите. На дентална медицина при Стоматолошки факултет 70,9% од запишаните имале повеќе бодови од оваа граница, на Фармацевтски факултет 60,7%, додека на Медицински факултет, на насоката за општа медицина неверојатни 98,9% од запишаните, како во државна така и во приватна квота, обете пополнети уште во првиот уписен рок, имале повеќе од 93 бода. На општа медицина медијанскиот број на бодови изнесува дури 97,5 и највисок е во државата.

    Во целата држава, само на општа медицина се запишале точно 800 студенти, од кои во Скопје 265, во Тетово 390, а останатите во Штип. Од нив најголемиот процент и ќе завршат, за што гаранција е високиот број на бодови при уписот (иако во Тетово само 12,3% од запишаните на општа медицина имале над 93 бода).

    „Проблемот е што многумина ќе го злоупотребат режимот на бесплатно, односно евтино школување во приватна квота и ќе заминат во странство, а им одзеле многу одлични кандидати на техничките факултети, без кои оваа држава нема иднина“, Заклучува порфесорот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира