УКРАДЕНА БИСТАТА НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ВЕРА ЈОЦИЌ ОД ГРАДСКИОТ ПАРК НА 150 МЕТРИ ОД ВЛАДАТА

    УКРАДЕНА БИСТАТА НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ВЕРА ЈОЦИЌ ОД ГРАДСКИОТ ПАРК НА 150 МЕТРИ ОД ВЛАДАТАКражбата на бистата, поставена во почетокот на паркот во непосредна близина на Владата на РСМ, е пријавена во полиција вчера во 11 часот. (Фото: СДК.МК)

    Бистата на народниот херој Вера Јоциќ била украдена од Градскиот парк во скопската Општина Центар, соопшти од Министерството за внатрешни работи (МВР). Бистата, дело на нејзината сестра Вида Јоциќ, е поставена во почетокот на паркот на околу 150 метри од Владата на РСМ.

    Според полицискиот билтен, вчера во 11:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека од паркот е одземена спомен-бистата посветена на Вера Јоциќ. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и за пронаоѓање на сторителите.

    Вера Јоциќ (1923–1944) била македонска партизанка и југословенски првоборец, прогласена за народен херој во 1951 година. Од крајот на 1943 година извршувала должност заменик-политички комесар во неколку партизански единици, а од февруари 1944 година и во Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада. Учествувала во Пролетната офанзива во 1944 година, при што во борбите кај селото Страцин била тешко ранета. Партизаните ја извлекле и ја носеле на шаторско крило три дена и три ноќи. По три дена, починала на 22 мај 1944 година кај селото Саса, во денешна Македонска Каменица.

    Погибијата на Вера Јоциќ е опеана во песните „Очи“ и „Љубов“ на Ацо Шопов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира