УЛИЦАТА НА КЕЈ НАБРЗИНА ПОПЛОЧЕНА, НЕ ГО ДОЧЕКА ЖЕРНОВСКИ ДА ЈА СТОПИРА ГРАДБАТА

    УЛИЦАТА НА КЕЈ НАБРЗИНА ПОПЛОЧЕНА, НЕ ГО ДОЧЕКА ЖЕРНОВСКИ ДА ЈА СТОПИРА ГРАДБАТАРаботниците работеа до доцна во ноќта - дојдоа во 5 сабајле и за еден ден ударнички ја завршија речиси цела улица (Фото: СДК.МК)

    На еден ден пред  Денот на трудот, вчера среде продолжениот празничен викенд,  ударнички педесет работници ангажирани од фирмата „Аполо инженеринг“  ја изградија спорната улица на Кеј 13 Ноември по целата нејзина должина. Од хотелот „Холидеј Ин“ до рампата за подземниот паркинг за зградата  во која е сместен „Телеком“,  во близина на каруселот, ги вадеа старите плочки и поставуваа нови. Стигнаа на улицата в зори, во 04.30 часот и не престанаа со работа дури не стигнаа на другиот крај на шеталиштето, кај каруселот.  Работеа дури и кога се стемни.

    Улицата се разликува од шеталиштето само по плочките.

    Работниците не престанаа со прередување на плочките дури и по предупредувањата од овластен градежен инспектор од  Општина Центар, кој констатираше низа неправилности и недостатоци односно неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности.

    Изведувачот и вчера се повикал на одобрението за градење од Град Скопје и објаснил дека нема да престане со градежните работи сè додека не добие решение за запирање на градбата. Општина Центар најави дека ќе изготви решение, но тоа не го направи до крајот на денот.

    „Инспекцијата на Општината  изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба“, најавија вчера од Центар, но чекајќи го решението, изведувачот ја изгради цела улица.

    Од Центар и вчера уверуваа дека улица на Кејот нема да има, а градењето и покрај предупредувањата го оценија како грубо кршење на одлуките на општина Центар и  јасна политичка провокација со цел дефокусирање на јавноста од актуелните политички случувања и насилствата во Собранието.

    Изградбата на улица среде шеталиштето почна на 18 март годинава. Фирмата „Аполо“ и тогаш за време на викенд се појави на Кејот, постави зелена ограда и работниците почнаа да ги вадат плочките, но кафеанџите им се спротивставија и не дозволија да продолжат со работа. На терен и тогаш излезе овластен градежен инспектор од Општина Центар, утврди дека нема информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи и ја стопираше изградбата.

    Два дена подоцна, на вонредна седница, Советот на Општина Центар донесе одлука со која место улица со посебен режим на сообраќај на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци. За Одлуката за утврдување и изглед на градба – пешачки улици и патеки Кеј 13 Ноември од улицата Фипип Втори до објектот на Телеком не гласаа советниците од ВМРО – ДПМНЕ.

    Потоа Советот на Центар го поништи планот Мал ринг, во согласност со кој е издадено одобрението за градење на улицата и Општината побарала од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни  на законот и волјата на граѓаните.

    По стопирањето на изградбата, повеќе од еден месец, немаше градежни активности на Кејот. Така беше се до вчера, кога работниците повторно се појавија, но овој пат во многу поголем број и ја изградија улицата.

    Оваа улица се гради за потребите на зградата во која е сместен „Телеком“. Таа требаше да биде под земја. Инвеститорот на објектот „Дивелоп груп“ ја доби локацијата за градба под услов прво да ја изгради подземната сообраќајница, но потоа следувааа низа менувања на договорите и на урбанистичкиот план кој во 2012 година ја предвиде улицата над земја, а на 31 декември мината година, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски издаде одобрение за градење на улицата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира