Улицата Цветан Димов во скопски Чаир која сега претставува тесно грло во градот ќе стане булевар со шест коловозни ленти. Градоначалникот Петре Шилегов денеска на прес-конференција заедно со градоначалникот на Општина Чаир најави дека почната е постапка за изработка на проект за реконструкција и изградба на булеварот Цветан Димов. Годинава би се правел проект, а догодина би почнала реализацијата.
Сега овој потег е со четири коловозни ленти по два во двата правци, но постојано по една лента е блокирана со паркирани возила. Проширување на улицата во булевар е потребно заради воведувањето на втората фаза од Бас рапит транзит системот или брзиот автобуски превоз од Кисела Вода до Бутел.
„Изградбата на овој дел од булеварот Цветан Димов е од исклучителна важност за жителите на општините Чаир и Бутел од причина што ја врзува улицата Џон Кенеди со булеварите Крсте Мисирков и Никола Карев. Булеварот ќе биде широк 29 метри што значи дека ќе се врши експропријација односно отстранување на објекти кои се наоѓаат на трасата. Околу тоа прашање како градоначалник не сум правел компромиси. Свесен сум дека ќе урнеме објекти, но исто така свесен сум дека тоа ќе биде трајно решение за овој дел од градот. Кога ќе ставите на кантар бенефитот од овој проект е поголем“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.
Според првичните проценки на Градот изградбата на булеварот заедно со експропријацијата ќе чини околу 6,5 милиони евра.
А. АНТЕВСКА