Денеска охридските комуналци ќе почнат со корнење на палмите што успеаа да преживеат во изминативе три години. Во Охрид останати се стотина палмим, од кои најголем дел се на самиот езерски брег. Досега околу 150 се исушија или измрзнаа.
„Ние постапуваме според препораките на УНЕСКО за остранување на неавтохтоните палми. Останаа од 80 до 100 палми. Ангажиравме доволен број работници и механизација. Сметаме дека за корнење на сите палми ќе ни требаат три дена”, ни изјави директорот на „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски.
Во Охрид, најмногу на езерскиот брег во 2016 беа засадени околу 250 палми. Еколозите, а и најголемиот дел од јавност беа против овој потег на тогашната централна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2015 години ЈП „Македонски шуми“ почна со проектот за засење на палми низ повеќе градови низ земјата и речиси сите се исушија. Беа набавени вкупно 1.100 плами за кои од државниот буџет беа потрошени половина милион евра.
Поради недоволниот напредок до решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои што претставуваат потенцијална опасност, УНЕСКО во најновиот извештај препорачува да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот Регион на Листата на загрозено светско наследство. Извештајот треба да биде разгледан на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули.
Д. ЧУБРИЌ