Расте бројот на заболени пациенти во Психијатриската болница во Демир Хисар. По 17-те пациенти и двајца вработени кај кои до вчера беше констатирано дека се позитивни на ковид-19, тестовите открија уште седуммина заболени од лицата згрижени во установата, како и еден од вработените кој е хигиеничар, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Тања Лозановска, директорка на Психијатриската болница. Со претходно заразените, во болницата има вкупно 26-мина со коронавирус, од кои еден починат на ГОБ „8 Септември“ во Скопје и тројца од вработените кои се во домашна изолација.
Новите седуммина позитивни се од 29 лица сместени на судско-психијатриското одделение на кои им беа земени брисеви и се очекуваа резултати.
„Сите пациенти се префрлени, изолирани, сите се асимптоматски и се во добра здравствена состојба. Негативните на одделението ќе бидат во 14 -дневен карантин. Хигиеничарот се наоѓа во домашни услови и ќе му биде изготвено решение за домашна изолација“, рече Лозановска.
Првата групата со пациенти кај кои претходно беше евидентирана болеста беше изолирана уште од 5 август, а од 20 август ќе се почне со тестирање за да се утврди дали болеста поминала. Медицинска сестра и физичкиот работник кои беа во првата група лица позитивни на ковид-19 евидентирани во Болницата се на домашно лекување.
„Во моментов, имаме две засебни ковид одделенија во Психијатриската болница. Осум месеци да се менаџира вакви иституција пред предизвикот од пандемијата е навистина стресно. Категоријата е многу тешка, какви и протоколи да се конципираат многу тешко се спроведуваат, пациентите користат заеднички пристории од трепезарија, санитарни јазли, ходници. Дел од нив можете да натерате да носат маска и ракавици, дел не. Но, ова останува како предизвик пред нас сите како тим да се избориме“, рече директорката.
Таа додаде дека пациентите засега се добро, а вчера според протокол зеле и психијатриски пациент кој се лекувал на Инфективно одделение во Битола, веќе негативен и е вратен во одделението каде што припаѓа во Болницата во Демир Хисар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА