УШТЕ ТРОЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА „ПЛОДНОСТ“ ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУСОТ

    УШТЕ ТРОЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА „ПЛОДНОСТ“ ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУСОТОд болницата „Плодност“ велат дека вината е и во пациентите, не дека се носители и ќе им го донесат вирусот, туку заради неискреноста. (Фото: СДК.МК)

    Уште тројца вработени во гинеколошко-акушерската болница „Плодност“ во Битола се заразени од коронавирус. Двајца од нив се битолчани анестезиолог и медицинска сестра, а еден е прилепчанец доктор по гинекологија. Со ова вкупната бројка на вработени од Болницата кои излегле позитивни на Ковид 19 е четворица заедно со докторот гинеколог – акушер кој беше прворегистриран заболен во Битола, а за кого семејството тврдеше дека на третиот тест бил негативен.

    Откако од Министерството за здравство потврди дека тројца од четворица заразени битолчани се од „Плодност“, се огласи и сопственикот на болницата д-р Таше Трпчевски кој на својот Фејсбук профил напиша: „Не уште двајца, туку тројца од персоналот се позитивни на корона вирус од болница ’Плодност“.

    „Анестезиологот и медицинската анестезиолошка сестра пред три дена само еден ден имаа температура и блага кашлица. Јас побарав да им се земат брисеви. Побарав да се земат брисеви и од неколку вработени кои кивнале. Сакам да се земат брисеви од сите вработени. Институтот за јавно здравје прави проценка и не сака да земе на сите. Анестезиологот и медицинската сестра само еден ден беа фебрилни, сега се здрави и немаат ништо. Барав за гинекологот кој е од Прилеп, а е кај нас вработен, заради тоа што има епидемиолошка анамнеза. Тој е позитивен (вчера попладне ми ја даде информацијата). Тој е асимптоматски носител. Тие се најопасните како сите вие кои што не знаете можеби дали сте таков носител“, напиша Трпчевски.

    Тој преку Фејсбук испрати апел до министерот за здравство Венко Филипче да има помасовно тестирање за да има помасовна самоизолација и изолација. На тој начин, вели Трпчевски, ќе се намали бројот на асимптоматски носители на вирусот кои сега слободно шетаат низ градот и се потенцијални вирусоносители.

    „Многу полесно е кога ќе го откриете заразениот. Има многу повеќе заразени во Македонија отколку што се детектирани. Ни фали тестирање. Не знам зошто немаме масовно тестирање. Самоизолација, земање витамини и имуносупортивна терапија, изолација на оние кои биле во најблизок контакт и бројот на заболени полека ќе стивнува“, пишува Трпчевски.

    Тој додава дека вината е и во пациентите, не дека се носители и ќе ни го донесат вирусот, туку заради неискреноста. Тие во „Плодност“ имале направено прашалник епидемиолошки според СЗО критериуми, но заклучиле дека пациенти не биле доволно искрени, криеле и не сакале да кажат дека имаат некој од симптомите на коронавирусот ниту дека биле со сомнително лице во контакт, а кое дошло од друга високоризична за Ковид 19 држава.

    „Нашите граѓани поготово битолчани се плашат да кажат дека имаат температура, треска, малаксалост, болки во грлото и не бараат да се тестираат за корона вирусот плашејќи се од тоа да не бидат анатемисани, жигосани и непожелни да живеат во оваа средина, а не се плашат од последиците и компликациите на ова инфективно заболување. ’Битолчани седете дома и умирајте не кажувајте никому дека имате симптоми на корона вирус затоа што ако ве дознаат, ќе ве жигосат‘ напиша една сограѓанка на својот ФБ статус‘“, напомена докторот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира