Дислокација на фабриката „Усје“ надвор од градот, побараа денеска граѓаните на протестот на раскрсницата меѓу булеварите Борис Трајковски и Србија“ во Скопје, на околу 5 километри од центарот на градот. Како што рекоа организаторите на протестот, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, цементарницата континуираното го загадува воздухот во Скопје.
„Последните месеци го истражувавме работењето на фабриката и дојдовме до заклучоци дека ‘Титан‘ е интернационална компанија која не првпат има вакви проблеми. Слични случаи се забележани и во Америка и во Египет. Се работи за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Станува збор за странски капитал и директори кои ги трујат нашите деца“, рече Петар Керамитчиев од „Стоп за Усје“.
Рекоа дека денешниот протест е само предупредување до властите дека се следи работата на „Усје“, а натамошните блокади на сообраќајот и протести ќе следат по празниците, сè додека не се спроведат конкретни мерки против загадувачите.
Денеска, неколку часа пред протестот, од „Титан Усје“ сооштија дека работата на цементарницата е континуирано контролирана од Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А-Интегрирана еколошка дозвола, а последниот увид е извршен на 18 декември годинава, при што инспекцијата повторно утврдила дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. И на 18 ноември годинава во ноќните часови имало ненајавен инспекциски увид од оваа институција и тогаш е констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки.
Од компанијата велат дека „Титан Усје“ е индустриски капацитет со високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање, каде во секој филтер има по 2.000 вреќи кои ја запираат прашината, која потоа се враќа во производниот процес и станува составен дел од финалниот производ.
„Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите“, велат од „Усје“ и тврдат дека споредбените податоци јасно и недвосмислено укажуваат оти лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на компанијата.
„Имено, во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување. Резултатите од мерењата го потврдуваат овој факт. ‘Титан Усје’ поседува А-Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно оваа дозвола, ‘Усје’ има обврска да врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди кои се транспонирани во националното законодавство. За таа цел, на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаме инсталирано систем за мерење од германскиот производител SICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании. Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични Вредности на Емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити – на пример, кај вкупната прашина најчесто три до пет пати, а кај SO2 и неколку десетици пати пониски од дозволените. На истите емисиони точки се прават и дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења исто така потврдуваат дека нема отстапки од законски дозволените лимити“, велат од компанијата.



