УСЛОВИТЕ ВО ВАРДАРИШТЕ СЕ МИЗЕРНИ, КУЧИЊАТА СЕ ТРАУМАТИЗИРАНИ И НЕВДОМЛИВИ, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

    УСЛОВИТЕ ВО ВАРДАРИШТЕ СЕ МИЗЕРНИ, КУЧИЊАТА СЕ ТРАУМАТИЗИРАНИ И НЕВДОМЛИВИ, ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕЖивотните кои се заловуваат и носат во стационарот се сместувани во мизерни услови, запоставени, изнемоштени, трауматизирани, валкани, невдомливи, се вели во извештајот на работната група на Град Скопје. - Градоначалникот Петре Шилегов при неговата посета пред еден месец на Вардариште (Фото:Град Скопје)

    Катастрофални и мизерни се условите во стационарот Вардариште во Скопје, покажува извештајот на работната група формирана од градоначалникот Петре Шилегов. Минатиот месец, претставници од Град Скопје и од невладините организации за заштита на животните, направиле увид во какви услови се чуваат и третираат бездомните кучиња во Вардариште. Извештајот од увидот покажува дека објектот е под сите стандарди за згрижување на кучиња и потребни се итни мерки за подобрување на состојбата.

    „Стационарот е сместен на тешко пристапна локација, во исклучително запуштена, валкана околина. Објектот е стар, неодржуван и речиси руиниран, грубо адаптиран за намената која ја извршува и неопходни се низа итни интервенции и мерки за оспособување на деловите и просториите кои се користат. Животните кои се заловуваат и носат во стационарот се сместувани во мизерни услови, запоставени, изнемоштени, трауматизирани, валкани, невдомливи. Во услови во какви што е затекнат стационарот, тој е крајно непријатно место за посетување, што e само една од причините поради кои речиси никој потенцијален вдомувач на куче не би го посетил стационарот и вдомил миленик“, стои во извештајот на работната група на Град Скопје.

    Покрај лошите услови, стационарот нема ни соодветна опрема за работа и заловување на кучињата, боксовите каде се чуваат кучињата не се одделени и соодветно опремени, нема ладилник за собирање лешеви. Основни услови за работа немаат ниту вработените, хигиената е на лошо ниво поради што епидемии континуирано се присутни во стационарот, а оттаму се пренесуваат и на улица, односно ги пренесуваат третираните кучиња кои од Вардариште се враќаат на локацијата каде биле заловени.

    Во извештајот наведени се и мерките кои треба да се преземат за да се надминат мизерните услови во стационарот. Меѓу нив се доградба на објектот, подобрување на хигиенските услови, поставување термичка изолација, систем за греење и ладење, одвојување и опремување на боксовите за кучињата со легла, а не како сега да лежат на бетон, поставување видео надзор, набавка на нова опрема за заловување, изработка на регистер кој ќе биде јавно достапен за секое животно кое ќе биде донесено на Вардариште, како и уредување на дворот за цел рекреација и социјализација на кучињата.

    Градоначалникот Петре Шилегов во понеделникот најави дека Град Скопје почнува со ситематско решавање на проблемот со уличните кучиња, но и оние кои имаат сопственици. Тој најави дека во буџетот за 2018 година ќе се обезбдедат средства за почеток на активности за решавање на овој проблем, а за две години сите кучиња ќе бидат чипирани.

    „Овој процес одзема време и затоа апелирам до граѓаните да имаат разбирање. До средината на мојот мандат ќе имаме регистар на домашни миленичиња, односно сопствениците ќе мораат да ги чипираат кучињата или мачките. Ќе направиме градски регистар на кучиња скитници, кои исто така ќе бидат чипирани. Наша цел е во Скопје да имаме целосна евиденција и тотално нов третман на кучињата скитници“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира