Во Охрид наскоро ќе започне изградбата на катна гаража, проект вреден 1,73 милиони евра кој има за цел да го намали сообраќајниот метеж и да обезбеди дополнителни паркинг-места за жителите и посетителите на градот. Објектот ќе се гради на просторот на Градскиот пазар, ќе биде со пет ката со околу 200 паркинг места, а ќе стопанисува ЈП „Градски пазар“.
За овој проект Општината аплицираше на вториот повик на Владата за добивање на финансиски средства за инфраструктурни проекти.
Со реализацијата на овој проект, кој се најавува 30 години, се очекува значително подобрување на сообраќајната инфраструктура, особено во централното градско подрачје, каде што во текот на туристичката сезона се бележи зголемен број возила. Катната гаража ќе обезбеди современ и безбеден простор за паркирање, со доволен број паркинг-места, современ систем за контрола и пристап, како и услови за лесно користење.
„Она што долго време го очекуваа граѓаните, без исклучок според сите јавни испитувања на мислењето, врвен приоритет беше катната гаража во изминатите десет години. Затоа, сакам да информирам дека во рок од десет дена успешно беше спроведен тендерот и официјално започнува изградбата на катната гаража во Охрид“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Според техничката спецификација, станува збор за објект наменет за паркирање автомобили, лесни доставни возила и велосипеди, со армирано-бетонска конструкција, рамен кров и катна висина од околу три метри. Рокот за изградба е 30 месеци од воведување во работа.
Моментално, градот располага со 600 слободни паркинг места, додека во летниот период се обезбедуваат дополнителни 200-300 слободни паркинг-места со издавање на просторот кај поранешниот полигон за мали спортови, кои во шпицот на сезоната не се доволни.
С. ВРЕНЦОВСКА



