УСТАВНИОТ СУД ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ОСПОРЕНИОТ ПЛАН БУЊАКОВЕЦ 2 СОСЕ ЗГРАДИТЕ КАЈ „ТРЕСКА“, ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ Е ВО СОГЛАСНОСТ СО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН НА СКОПЈЕ

    УСТАВНИОТ СУД ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ОСПОРЕНИОТ ПЛАН БУЊАКОВЕЦ 2 СОСЕ ЗГРАДИТЕ КАЈ „ТРЕСКА“, ЌЕ СЕ ИСПИТУВА ДАЛИ Е ВО СОГЛАСНОСТ СО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАН НА СКОПЈЕKомуналиите за првата зграда во „Треска“ се веќе платени и се чекаше градоначалникот Горан Герасимовски да го потпише одобрението за градба, за на тој постор да се почне со градење. (Фото: СДК.МК)

    По поднесената иницијатива пред две недели од Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и од адвокатката Сузана Јошевска, Уставниот суд денеска оформи предмет за измената на Деталниот урбанистички план (ДУП) Буњаковец 2, во чии рамки спаѓа и просторот на попранешната фабрика „Треска“, каде што се планирани повеќе згради.

    Оспорена е Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012година, за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016, соопшти Уставниот суд.

    Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план (ГУП), односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на Деталниот се неусогласени со оние од Генералниот. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

    Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

    „Овие наводи Уставниот суд допрва ќе ги испитува. Предметот е формиран и предаден за работа на тим од судија и советник и се наоѓа во рана фаза, во претходна постапка“, рекоа денеска од Судот.

    Според законот за урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови треба да бидат во согласност со генералните урбанистички планови, а тоа не е случај со планот за Буњаковец, велат од „Шанса за Центар“.

    „Генералниот урбанистички план (ГУП) има за цел да обезбеди хумани услови за живеење и работа на граѓаните, со почитување на стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, со рационално користење на просторот, заштита на животната средина и одржлив развој. Планот за Буњаковец, спротивно, предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП-от за Буњаковец се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа бараме од Уставниот суд да го стави вон сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“, аргументира понатаму подносителот на иницијативата.

    Планот предвидува изградба на нови објекти на просторот на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т. н. „наполитанки“, нацртани уште во време на локалната (и централна) власт на ВМРО-ДПМНЕ.

    Како што објави САКАМДАКАМ.МК, комуналиите за првиот станбено-деловен објект во „Треска“ се веќе платени и се чекаше градоначалникот Горан Герасимовски да го потпише одобрението за градба, за на тој постор да се почне со градење.

    Предметот е во рана фаза, вели Уставниот суд, што значи дека не може во моментов да се донесе времена мерка за запирање на активностите на просторот кај „Треска“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира