ПЛАТЕНИ КОМУНАЛИИТЕ ЗА ПРВАТА ЗГРАДА ВО „ТРЕСКА“, СЕ ЧЕКА УШТЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОД СДСМ ДА ГО ПОТПИШЕ ОДОБРЕНИЕТО И ПОЧНУВА ГРАДБАТА СПОРЕД ПЛАНОВИТЕ НАЦРТАНИ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    ПЛАТЕНИ КОМУНАЛИИТЕ ЗА ПРВАТА ЗГРАДА ВО „ТРЕСКА“, СЕ ЧЕКА УШТЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОД СДСМ ДА ГО ПОТПИШЕ ОДОБРЕНИЕТО И ПОЧНУВА ГРАДБАТА СПОРЕД ПЛАНОВИТЕ НАЦРТАНИ ОД ВМРО-ДПМНЕЌе се гради станебено-деловен објект со 5 ката и поткровје на површина од 6.600 метри квадратни. (Фото: К.Попов)

    Летово ќе почне градбата на првата зграда во кругот на поранешната фабрика „Треска“ и со тоа ќе се бетонизира и последниот слободен простор во центарот на Скопје. Фирмите  „Голден арт“ и „Мега акустик“ веќе уплатиле комуналии во висина од 800.000 евра на Град Скопје и Општина Центар за изградба на станбено-деловен објект.

    Од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека се платени комуналиите и сега следува изготвување и потпишување на одобрението за градба.

    „По завршување на постапката и сите законски процедури одобрението за градење ќе стане правосилно. Ќе се гради објект со висина од 19.20 метри, катноста е приземје, 5 ката и поткровје, а вкупната бруто изградена површина изнесува 6.662 метри квадрати. Станува збор за стaнбено-деловен објект“, велат од Општина Центар.

    За изградба на првата зграда која ќе има и деловен објект градителот платиl комуналии 662.674 евра за станбената зграда и 122.785 евра за деловниот објект или вкупно околу 800.000 евра. Од нив 60 отсто се платени на Град Скопје, а останатите на Општина Центар.

    Во април годинава Општина Центар продаде државно земјиште во кругот на фабриката на фирмите „Голден арт“ и „Мега акустик“ и со тоа почна постапката за градење во „Треска“. Тогаш од Општината рекоа дека градителите поседуваат 90.17 проценти од вкупната површина на градежната парцела, а за дооформување се продадени само 9.83 проценти државно земјите од вкупната градежна парцела.

    Во Општината чекаат на одговор уште 16 барања на градежници за купување на државно земјиште за да можат да ги зголемат парцелите за градба, а поднесени беа 4 барања за издавање градежна дозвола.

    Со платените комуналии и потписот кој секој момент треба да го стави Герасимовски, се уриваат сите надежи просторот да се уреди според решенијата на конкурсот кој по барање на стручната фела и граѓанските организации го распиша ексградоначалникот Саша Богдановиќ.

    Герасимовски уште кога дојде на функција изјави дека конкурсот не може да се спроведе бидејќи не може на сопственици на приватни имоти да им се забрани да дооформуваат парцели и да бараат дозволи за градба. Сега Герасимовски кој е кадар на СДСМ ќе потпишува дозволи за згради нацртани од времето на ВМРО-ДПМНЕ кои неговиот претходник ги викаше „наполитанки“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира