ЗА ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВОДИ ДВЕ ИСТРАГИ, ОД АНТИКОРУПЦИСКА ВЕЛАТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ ДОДЕКА ТРААТ ПОСТАПКИТЕ

    ЗА ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВОДИ ДВЕ ИСТРАГИ, ОД АНТИКОРУПЦИСКА ВЕЛАТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ ДОДЕКА ТРААТ ПОСТАПКИТЕВо „Треска“ треба да никнат 30 згради кои се нацртани во време на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ не го смени планот. (Фото: СДК.МК)

    За фабриката „Треска“ каде се расчистува просторот за градење згради Основното јавно обвинителство води две истраги. Првата е за можни незаконитости при денационализација на земјиштето во кругот на фабриката, а втората е истрага за пожарот кој изби на 14 април годинава.

    За случајот со пожарот вештачењето покажало дека станува збор за човечко невнимание. Како што велат од Обвинителството, јавниот обвинител работи на утврдување на вредноста на настанатата штета за да утврди дали во конкретниот случај се исполнети елементи на кривичното дело – Предизвикување општа опасност.

    Доколку се утврди дека се исполнети елементите на кривичното дело, постапката продолжува со откривање на сторител“, велат од Јавното обвинителство.

    За предметот „можни незаконитости при денационализацијата на фабриката“ сѐ уште се води предистражна постапка во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    За овој предмет е дадена наредба за градежно архитектонско – урбанистичко вештачење. По доставување на вештиот наод и мислење од Бирото за судски вештачења, надлежниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката. Со оглед дека предистражната постапка е тајна, во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, велат од Обвинителството.

    Општина Центар вчера објави дека се почнува со расчистување на просторот и уривање на објектите и дека за оваа активност добиле дозвола од Обвинителството кое води предмет за пожарот. Градоначалникот Горан Герасимвски вчера се фалеше дека тие всушност со расчистување на просторот го решавале проблемот на граѓаните со депонијата и опасните матријали кои ги има во кругот на фабриката. Вели, погрешна била перцепцијата дека просторот се спрема за градење згради, иако потврди дека се поднесени четири барања за давање градежни дозволи според Деталниот урбанистички план донесен од ВМРО-ДПМНЕ и тие мора да постапуваат по нив. Неговата партија СДСМ го критикуваше планот овој план според кој сега Герасимовски постапува како лош и криминален и не го сменија изминативе 5 години откако се на власт во Центар.

    Со планот, според кој сега Општина Центар ќе издава дозволи за градба, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје, 5 ката плус поткровје. Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше ‘наполитанки‘ бидејќи целосно го бетонизираат просторот без соодветни јавни површини и зеленило.

    Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека на просторот на „Треска“ не треба да има никакви градежни активности додека траат истрагите.

    Имајќи предвид дека Деталниот урбанистички план не е во согласност со Генералниот урбанистички план и со тоа тој не е законски, а од друга страна Обвинителството води истрага за тој локалитет, сметам дека е многу ризично издавање решенија за почеток на градба односно не смее да се издаде ниту една дозвола“, вели Ивановска.

    Во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ, по неколкугодишна борба на стручната јавност и граѓанските иницијативи беше спроведен конкурс за тоа што да се гради кај „Треска“ и врз основа на тоа да се уреди просторот. Но, кога дојде на функција Герасимовски кажа дека конкурсот не може да се реализира оти имало голем дел приватно земјиште.

    Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која има 3 советници во Советот на Општина Центар, велат дека расчистувањето на „Треска“ е нужно, но подеднакво е важно што ќе следи потоа, односно дали ќе се градат згради наполитанки“ и со нив ќе има само профит за малкумина или уредување на просторот со кој ќе се подигне квалитетот на животот во целото подрачје.

    Конкурсот беше можност за урбанистичкото планирање кон покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско – инвеститорско планирање и градење. Сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска“, велат од „Шанса за Центар“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира