Патничкиот воз од Битола за Скопје утрово не допатувал во предвиденото време на железничката станица во Велес. Наместо во 5:40 часот пристигнал во 13:30, по што продолжил за Скопје. Возот доцнел безмалку осум часа, бидејќи праговите на дел од пругата кај Прилеп биле опожарени. За ова информираа од Центарот за управување со кризи.
„Вчера интервенирале пожарникарите од Прилеп, гаснеле запалена ниска вегетација и прагови на пругата меѓу селата Слепче и Браилово“, соопштија од ЦУК.
Бидејќи на оваа делница сообраќа една гарнитура патнички воз, по пристигнувањето во Скопје истиот воз се враќа назад кон Битола. Според информациите на патниците кои патуваат од Скопје, тој тргнал од станицата во 16 часот и доцнел 90 минути во старт.
Ова е трет случај од октомври кога поради опожарување на прагови, железничкиот сообраќај од Велес кон Битола и обратно беше во прекин. Згора на тоа, сега од Скопје за Битола и обратно сообраќа само еден воз на ден.
П. ПЕЧКОВ