На подрачјето на ЈЗУ Здравствен дом Велес има голем опфат на вакцинирани деца против морбили, што ја става општината на врвот на процесот на имунизација во земјава. Поради тоа, и нема случаи на деца заболени од мали сипаници, а оние кои заболеле, се велешани кои секојдневно по работа патуваат за Скопје.
„Во Велешко, заедно со општините Градско и Чашка, од околу 8.000 ученици во основното образование имало само 23 невакцинирани деца, што е 0,3%. Од нив, шестмина овие денови биле вакцинирани по прогласувањето на епидемија на мали сипаници. Слични се бројките и за претшколска возраст, каде од 4.500 деца, само 100 не биле вакцинирани, што е 2,2%“, изјавија од службата за вакцинација на деца.
Изминативе денови додека трае Европската недела на имунизација, 28 деца биле вакцинирани за морбили, 35 за тетанус и биле дадени пет дози за ХПВ. Во Велешко годинава има 24 заболени од морбили.
„Од заболените, само пет се бебиња на возраст до една година, возраст кога и не можеле да примат вакцина. Сите останати се родени од 1973, па нагоре, и тоа вработени во Скопје“, рече д-р Билјана Трајкова, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Велес.
П. ПЕЧКОВ