Поради огромната побарувачка на зелка на европските пазари, откупната цена во валандовско-гевгелискиот регион деновиве стаса и до 25 денари за килограм, што е незапаметено во последните дваесетина години, коментираат земјоделците кои беа навикнати родот да го продаваат од три до 10 денари за килограм. Речиси сите пунктови во Валандовско се отворени и се откупува зелка, што не беше случај минатата година, кога таа скапуваше по нивите или се нудеа едвај три-четири денари за килограм.
„Ваква цена не сме имале во последните десет, можеби и повеќе години. Ние викаме дека ова е премија, бидејќи в година повторно нема да биде толку висока цената. За жал, годинава потфрли родот, најмногу поради огромната есенска суша. Можеби и тоа е една од причините за огромниот интерес, бидејќи и овде нема многу зелка“, вели Боне Божинов од валандовско Јосифово.
Во Валандовско речиси сите земјоделци се на нивите и ја собираат зелката, која оваа сезона ја има на околу 100 хектари. Поради немањето откуп и слабите откупни цени последниве години, како што тврдат земјоделците, површините со зелка се преполовени и очекуваат веќе в година повторно да се зголемат.
„Се појави недостиг од зелка на речиси сите пазари во Европа, бидејќи потфрли родот кај поголемите европски производители, па сите се насочија кон валандовско-гевгелиската зелка. Цената е резултат на понудата и побарувачката и тука нема ништо нелогично. Најголем извоз има во земјите од поранешна Југославија, Романија, Унгарија и во Белорусија, но и на скандинавскиот пазар“, коментираа откупувачите од Валандово.
В. ТРАЈКОВ