ВАЛЕНТИНА УЗУНОВА ОД БОГДАНЦИ ТРЧА ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ, СЕ ИНСПИРИРА ОД ПРИЈАТЕЛКА КОЈА ПОЧИНА ПО ДОЛГА БОРБА СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈА

    ВАЛЕНТИНА УЗУНОВА ОД БОГДАНЦИ ТРЧА ЗА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ, СЕ ИНСПИРИРА ОД ПРИЈАТЕЛКА КОЈА ПОЧИНА ПО ДОЛГА БОРБА СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈАУзунова на секоја трка носи маичка со логото на пулмонална хипертензија (Фото: приватна архива)

    Желбата да им помогне на пациентите со ретки болести и нивната терапија да се стави на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување е главната мотивација за Валентина Узунова од Богданци, која цели 20 години практикува улично и планинско трчање. Посебно се бори за пациентите со пулмонална хипертензија, па на секоја трка носи маичка со логото на оваа болест која пациентите ги остава без здив, а терапијата е доста скапа.

    Узунова по професија е книговодителка, мајка е на три деца и баба на една внука. Нема улична или планинска трка во земјава да не е присутна. Зад себе има стотици медали и признанија од домашни и меѓународни натпревари, но она што ја прави посебно горда е што каде и да оди успева да го сврти вниманието не кон себе, туку кон пациентите со пулмонална хипертензија или со други ретки болести.

    Узунова годинава има истрчано над 5.000 километри само на официјални трки (Фото: приватна архива)

    „Веќе 20 години трчам рекреативно. Почнав поради здравствени причини, денес од љубовта кон спортот. Трчам и за мојата пријателка Ѓурѓица Ќаева од Гевгелија, која почина пред повеќе од една година. Страдаше од пулмонална хипертензија и речиси цела деценија се бореше со надлежните да биде видлива како пациентка со ретка болест и да се избори за терапија не само за себе, туку за сите пациенти кои страдаат од ретки болести. Затоа кога трчам, постојано го носам логото ПХ. Ја видов нејзината голгота и како се бореше за здив и нема да се откажам од намерата да го свртам вниманието на надлежните кон овие лица“, вели 55-годишната Узунова.

    Во 2021 има истрчано 21 трка, од кои најголем дел се планински. Вели дека планинското трчање на прв поглед е доста напорно, но со редовни тренизни и распоредување на енергијата може да се совладаат тие предизвици. Тренира во околината на Богданци, а најмногу по патеките кон ветерниот парк.

    „Годинава учествував на десетина планиски трки. Бев дел од Струмина патека од 18 километри, каде што го освоив третото место во женска конкуренција, а бев прва во категоријата учеснички над 50 години на Момината камена патекана 20 километри. Го освоив второто место на трката Водно-Матка од 26 километри, третото на Пелистер, каде што се трчаат 45 километри… Природата нема да ве исцрпи, туку, напротив, ќе ви даде позитивна енергија“, вели Узунова.

    Узунова веќе 20 години трча рекреативно (Фото: приватна архива)

    Таа годинава има истрчано над 5.000 километри само на официјални трки.

    „Имам редовни тренинзи. Денот ми почнува во пет часот со вежби. После работа трчам најчесто во околината на Богданци. Паралелно, двапати неделно одам на играорна во Фолклорниот ансамбл Мегдан‘ од Богданци. Моја најголема поддршка се децата, а мотивацијата ја добивам од желбата да им помогнам на лицата со ретки болести. Спортот не е само хоби, тоа е начин на живот, те прави среќен, силен, исполнет. Ти дава здравје и бројни пријателства“.

    Членка е на атлетскиот клуб 7 Ноември од Гевгелија и на планинарскиот клуб Кожув од Гевглеија. Преку атлетскиот клуб беше дел од уличните трки во Крушево, Гевгелија, Охрид, Кавадарци, Струга, Скопје и Солун. Често знае да учествува и на хуманитарни трки за собирање донации за лекување на одредени деца.

    „Секоја трка има посебна тежина. Планинските ми се лесни, бидејќи се трча во природа, активни се и нозете и главата. Сакам долги патеки. Секако дека најкритични се последните километри, кога организмот е најмногу истрошен. Тогаш помислувам и на болните со пулмонална хипертензија како им е кога остануваат без здив и тоа ми дава најмногу сила“, вели Узунова.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира