ВАРДАР НА ВЛЕЗОТ ВО ВЕЛЕС ДВЕ НЕДЕЛИ СЕ ЗАГАДУВА СО НЕПОЗНАТА МАТЕРИЈА

    ВАРДАР НА ВЛЕЗОТ ВО ВЕЛЕС ДВЕ НЕДЕЛИ СЕ ЗАГАДУВА СО НЕПОЗНАТА МАТЕРИЈАМрсни дамки и лоша миризба се најзабележливи кај испусниот канал близу управната зграда на ЈКП „Дервен“ (Фото: СДК.МК)

    Во реката Вардар на влезот во Велес две недели има загадување. Секојдневно во попладневните часови, на испусниот канал близу управната зграда на ЈКП „Дервен“ има мрсни дамки. За овој проблем посочуваат од спортското риболовно друштво „Бабуна“ од Велес, кое информациите ги добило од рекреативците кои спортуваат во Градски парк и од спортските риболовци кои ловат во тој дел на градот.

    „До нас стигнаа реакции дека од испусниот канал лоциран близу управната зграда на ЈКП ‘Дервен‘, од кадешто отпадни води се влеваат во Вардар, се шират лоша миризба и реа и истекуваат големи масни крепи. Во повеќе наврати бевме на местото и констатиравме дека истекуваат црна вода и мрсна леплива материја. Ги информиравме сите надлежни инспекции, одговор не сме добиле. Големо е нивото на Вардар, па така немаме регистрирано помор на риба“, кажа Лазар Лазаревски, секретар на СРД „Бабуна“.

    Истекувањето особено било изразено во петокот и саботата попладне. Во испусниот канал се слеваат отпадни води од неколку фирми од индустрискиот дел на градот. Од „Бабуна“ бараат да се открие кој исфрла недозволени материи во реката.

    „Тука се наоѓа популарното ‘островче‘, кое за некои сограѓани е популарно во овие летни денови. Во Вардар не е дозволено капење, но за да се стигне до островот, мора да се премине Вардар. Доколку овие материи продолжат да истекуваат, освен на флората и фауната на реката, ќе влијаат и на здравјето на рекреативците. И испарувањата и лошата реа влијаат на големиот број велешани кои се шетаат во Градски парк и покрај реката“, додава Лазаревски.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари