ВАРНИЦАТА ВО ПРЕВАЛЕЦ ТРИ МЕСЕЦИ РАБОТИ БЕЗ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА, ОДЗЕМЕНА ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕ

    ВАРНИЦАТА ВО ПРЕВАЛЕЦ ТРИ МЕСЕЦИ РАБОТИ БЕЗ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА, ОДЗЕМЕНА ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕГрадоначалникот на Велес Аце Коцевски најави дека ќе организира протест доколку варницата во Превалец продолжи со работа без потребните дозволи (Фото: СДК.МК)

    Фабриката за вар во Превалец три месеци работи без А интегрирана дозвола. Еколошката дозвола, ѝ ја одзеде Министерството за животна средина уште во јуни, кажа градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тој рече дека Минисерството пролетва ѝ додели А интегрирана дозвола за работа на варницата, но дека по правните реакции од Општина Велес и од јавноста, неколку месеци подоцна ја повлече.

    „По постапката која ја поведовме пред второстепената владина комисија, а по реакциите на јавноста, за згадувањето од фабриката во Превалец, Министерството за животна средина ѝ ја одзеде А интегрираната дозвола. Тоа се случи на 4 јуни годинава. Но, и покрај тоа фабриката продолжи да работи цело лето. Иако инсталацијата е од А категорија која е во надлежност на државата, како градоначалник морам да реагирам, во интерес на здравјето на граѓаните“, рече Коцевски.

    Општина Велес ја оспори А интегрираната дозвола оти истата била пренесена од претходниот сопственик, без да се запази законската процедура.

    Во април годинава Општина Велес добила решение дека е извршен пренос на А интегрирана дозвола од оператор „Уса констракшн“ за операторот „Техно Павер“, за Варницата во Превалец, односно дека истата е пренесена од стариот на новиот оператор. Општината реагира дека во случајов новиот оператор треба да ги исполни сите стандарди па да добие А интегрирана еколошка дозвола, а не да ја презема старата.

    „Постапка за добивање на оваа дозвола трае повеќе од една година. Министерството ја издаде дозволата за само два месеци и спротивно на законот не ја праша Општина Велес за да се запази постапката“, кажа Билјана Манаскова-Шуркова општински инспектор за животна средина.

    Изминатата година имаше жестоки реакции од јавноста во градот, од жителите на населба Превалец, Тунел дека фабриката ја загадува реката Тополка, која во повеќе наврати беше бела. Од фабриката уверуваа дека тоа што го гледаат во воздухот не е бела прашина туку бела водена пареа, резултат на производниот процес. Градоначалникот најави дека ќе се организираат граѓански протести ако Варницата продолжи да работи без дозвола.

    „Доколку сопственициве продолжат да работат без дозвола, ќе се организираме со граѓаните во акција за спречување на натамошната работа. Вчерашниот инспекциски надзор покажа дека во моментот Варницата не работи, сепарација запрела пред неколку дена и е предмет на ремонт“, рече Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира