Високата бројка на новозаразени со коронавирус во Велешко беше причина во функција да се стави модуларната болница во Велес. Само денеска се регистрирани 60 нови случаи, а зголемен е и бројот на згрижени пациенти во Општа болница, на Инфективното и на Интерното одделение.
„Од денеска, во функција е пуштена и модуларната болница, во која се примени 16 пациенти, додека на Инфективното одделение се 32, а на Интерно десет. На кислородна поддршка се 21 пациент. Вкупно се хоспитализирани 58 лица, од кои 43 се потврдено позитивни, пет се сомнителни, а десет пациенти се со негативен брис, но се задржани на болничко лекување“, кажа д-р Елеонора Јованова, портпарол на Општа болница Велес.
Иако при отворањето на модуларната болница за ковид пациенти во Велес на 20 февруари министерот за здравство Венко Филипче најави дека за две-три седмици ќе стигнат дигитален рендген апарат и апарат за ехо дијагностика, нив засега ги нема.
„Набавката на овие апарати касни поради блокадата од страна на опозицијата во време на техничката влада. Постапката е при крај. Кога ќе стигнат апаратите, ќе бидат дистрибуирани до сите вакви модуларни болници“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
П. ПЕЧКОВ