ВЕЛЕС ЌЕ ПЛАТИ ПЛУС 10 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ, ТРИ ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ДОГОВОРОТ КОЈ СНАБДУВАЧОТ ГО РАСКИНА

    ВЕЛЕС ЌЕ ПЛАТИ ПЛУС 10 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ, ТРИ ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ДОГОВОРОТ КОЈ СНАБДУВАЧОТ ГО РАСКИНАСо префрлањето на овие 10 милиони денари, изгубена е реконструкција на еден булевар или поголем инфраструктурен проект во градот. (Фото: СДК.МК)

    Општина Велес ќе мора да плати трипати повисока цена за фактури, за потрошената електрична енергија за улично осветлувањe, откако досегашниот снабдувач на електрична енергија на градот се откажал, сооопшти Советот на нивната трета седница, на која се бараше начин да се обезбедат средства од Буџетот за да се платат неколку пати повисоки сметки.

    „Ова е новозатекната состојба која силно ја потресе Општината. Се работи за сериозно зголемување на цената на електричната енергија, која Општина Велес ја плаќа за улично осветлување. Таа скокна од 1,8 милиони на 5,6 милиони за еден месец. Ова е сериозен удар врз Буџетот на Општина Велес и е наследена состојба. Покренавме и судска постапка, против фирмата која еднострано ја прекина соработката. Побарано е од Бирото за јавни набавки да преговараме без објавување на оглас, одбиени сме. Распишан е нов оглас за снабдувач наОпштина Велес со електрична енергија. Затекнати сме и се наоѓаме во непријатна состојба“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    За надминување на состојбата како итна точка на дневен ред беше побарано да се обезбедат средства од други ставки од општинскиот Буџет,за да не се случи фактурата за октомври да не се плати и градот, неговите улици да останат во темнина. Известувањето дека снабдувачот го раскинува договорот е со датум од 1 октомври 2021.

    „Снабдувачот со електрична енергија ‘У-пауер’ еднострано, два месеца порано од завршувањето го прекина договорот. Затоа за улично осветлување моравме да се снабдуваме од ‘ЕВН хоум’. Тоа придонесе за неколкукратно повисоки цени. Така наместо 1,8 милиони денари, во октомври добивме фактура од 5,6 милиони. Затоа ни се потребни дополнителни средства за да платиме за два месеца и тоа од ставките за уредување на градежно земјиште. Тие десет милиони ќе бидат префрлени за оваа намена“, кажа Снежана Дервишова-советник за изградба и одржување на комунална инфраструктура.

    Градоначалникот Колев појасни дека со префрлањето на овие 10 милиони денари, изгубена е реконструкција на еден булевар или поголем инфраструктурен проект во градот.

    Од опозиционата партија на локално ниво СДСМ, гласаа воздржано по оваа точка. Марјанчо Николов,поранешен директор на ЕЛЕМ, сега член на Советот, од СДСМ смета дека реакциите на администрацијата, која работела на предметот, а пред да дојде сегашниот градоначалник, биле млаки и недоволно аргументирани.

    „Знам дека вие не сте биле во можност да реагирате, но некој што реагирал од општината, требало во Бирото за јавни набавки да им укаже поради непредвидени околности, на последиците кои се штетни и да бара со преговарање, за што постои законска можност. Мислам дека така ќе се заштеделе најмалку три милиони денари“,  кажа Николов.

    Во случајот активирана била банкарска гаранција, изнесува 500 илјади денари и е симболична, во однос на штетата од 10 милиони денари, која ја претрпе општинскиот Буџет. Средствата биле веќе легнати на општинскиот Буџет. Веќе била поднесена тужба и започнат судски спор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира