Околу 60 илјади жители на општина Велес и Општина Чашка, каде што се селата Јаболчиште и Богомила, ноќеска неколку часа беа без електрична струја. Од електро напојување беа исклучени од 1,40 до 5,40 часот.
Од ЕВН нема информација што се случи, зошто илјадници жители останаа без струја, портпаролот не се јавува на телефон, на нивната веб страна нема информација а на телефоните за пријавување дефект се чека по половина час за да се дојде до оператор.
Ниту Центарот за управување со кризи не добил информација од ЕВН што ноќеска се случи во велешко. Од надлежните служби во Велес информираат дека и покрај тоа што градот и околината четири часа беа без струја, во полиција нема пријави за нарушување на јавниот ред и мир, од брзата помош рекоа дека граѓаните не побарале интервенции во тие часови, а во велешката Болница се вклучиле агрегатите за ваков случај и работата се одвивала нормално.
Додека немаше струја низ централното градско подрачје полициските коли беа на терен и го обиколуваа градот, а сигурносните аларми беа вклучени и работеа долго во ноќта.
П. ПЕЧКОВ