Зголемување на бројот на туристи кои престојувале и преноќиле во Велес е регистрирано во 2025. Според Државниот завод за стастистика, зголемувањето изнесува 36 проценти или од 21.016 во 2024 на 28.556 лани. Тоа се должи на зголемениот број странски туристи за 70 отсто, од 13.607 на 23.250 минатата година. Кај домашните туристи, бројот е во опаѓање за 40 отсто, од 7.409 на 5.308.
Причината поради која во хотелските капацитети во Велес има повеќе туристи е што тур-операторите одлучиле во престојот на странските туристи во Македонија да го вклучат и Велес. Просекот на престој на туристите во градот е 1,2 дена или тоа се транзитни туристи.
Ако до 2024 во Велес преовладуваа туристите кои беа на пропатување кон или од Грција, првенствено државјаните на Србија, Романија, Унгарија, Полска и Чешка, лани состојбата е сериозно променета. Најбројни се туристите од Германија – 7.757, па Франција – 3.155 и Велика Британија – 1.456. Нивниот престој во Велес е во просек 1,1 ден. Србите и Романците се и натаму во голем број – 3.759/1.259 посетители.
Најмногу денови во просек во Велес престојуваат гостите-ловџии од Грција, Италија и Шпанија, по три дена. Лани се бележи и пораст на туристи од поранешните југословенски републики, Словенија, Хрватска и Црна Гора, со по 1,5 дена престој во Велес.
Ова големо зголемување на бројот на туристи не го следи и бројот на посетители на културните институции во Велес. Според податоците на Народниот музеј Велес, лани имало 2.500 посетители, наспроти 2.000 во 2024. Од нив, најмногу биле во родната куќа на Кочо Солев Рацин (1.800), Народен музеј (500) и Спомен-костурницата (300).
„Странските туристи кои престојуваа во градот доаѓаа после 15-16 часот, а заминуваа наутро во осум. Можеа да се видат како шетаат попладне и навечер низ Велес, но не посетуваа ништо од градските знаменитости. Тоа се должи на тур-операторот, кој не се ангажирал да обезбеди посета на велешките културни институции, иако има што да се види. Освен спомен-куќите, музејот и Спомен-костурницата, за странците не се познати манастирот ‘Свети Димитрија’ и тамошните новооткриени фрески од 13. век“, вели Славица Ѓеоргиевска, туристичка работничка.
П. ПЕЧКОВ



