Велешанецот Д.М. почина во пожар, во семејниот дом. Огнот бил регистриран саботата вечер, околу 19 часот на улица која води до спомен-куќата на Кочо Рацин. Соседите веднаш ја повикале пожарната.
„На ден 14.12.2024 во 19:03 примена е дојава за запалена куќа на ул. Љубен Весов бр. 54. Територијалната Против Пожарна Единица Велес излезе на лице место со две противпожарни возила и пет пожарникари спасители. По пристигнување на лице место пожарот е затекнат во развиена фаза во една просторија каде што е пронајдено и безживотното тело на сопственикот на опожарената куќа“, соопштија од ТПП Велес.
Навремената интервенција на пожарникарите спречила можност огнот да се прошири по куќата, а со тоа и околните куќи, со оглед на тоа што во соседството има повеќе објекти кои се лепенки до опожарената.
Околу 20 часот бил повикан и доктор од итната помош, кој немал можност за интервенција.
„Најдовме тело на починато лице, кое беше во таква состојба што немаше можност за лекарска помош, констатиравме смрт“, кажа д-р Марјан Мишев од службата за Итна помош.
Од велешката противпожарна единица, при интервенцијата наишле на проблем со возилата да стигнат до местото на пожарот, оти имало бројни возила паркирани по тесните сокаци, кои го отежнувале движењето на возилата.
П. ПЕЧКОВ