ВЕЛЕШАНИ ЛАНИ ФРЛИЛЕ 432 ЈАМБОЛИИ И 5,6 ТОНИ ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИ

    ВЕЛЕШАНИ ЛАНИ ФРЛИЛЕ 432 ЈАМБОЛИИ И 5,6 ТОНИ ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИЛани во Велес биле собрани 563 кубни метри габаритен отпад (Фото: СДК.МК)

    Минатата година велешани фрлиле дури 432 јамболии, што биле собрани од вработените на ЈКП „Дервен“ и завршиле на градската депонија. Освен јамболии, биле фрлени и 36 јоргани, објавија од Општина Велес.

    „Најголем број од нив биле фрлени во време на карантинот минатата пролет. При средување на домот во тоа време, луѓето најверојатно процениле дека веќе нема да имаат потреба од нив и нам ни остана да ги земеме и фрлиме на депонијата“, изјавија надлежните, кои ја реализираа акцијата за собирање габаритен отпад.

    Поради пандемијата, таа лани траеше сите 12 месеци.

    „Младите не ги сакаат, не ги користат, не ги откупуваат. Молците ги јадат и затоа морав да ги фрлам сите четири јамболии“, вели една велешанка.

    Во 2020, во Велес биле собрани 563 кубни метри габаритен отпад, многу повеќе отколку во 2019, кога имало 350. Велешани лани се ослободиле од 5,6 тони електронски и електричен отпад, исто колку и во 2019.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира