Велешани со години се расправаат со локалната власт за кружните текови. На претходната ѝ забележуваа дека гради преголеми, на сегашната дека се премали. Граѓаните се во дилема кога и дали се зборува вистината и дали секој градоначалник го толкува законот за себе. Актуелниот Аце Коцевски, градежник по струка, вели дека сообраќајното решение е проектирано од врвен сообраќаен експерт, имало позитивна ревизија и добиле сообраќајна согласност од МВР.
„Се работи за различни видови на кружни текови. Има правилници кои ја регулираат таа материја и точно се знае колкав треба да биде радиусот или дијаметарот на кружницата за одредена сообраќајница. Тие на влезот и кај Авона се големи кружни текови, а уште поголем ќе биде тој кај семафорите што ќе го градиме, додека овие малите, неодамна изградени, служат за насочување на сообраќајот. Истиот проектант кој ги правеше кружните текови во Кавадарци и Кичево, кои некои ги посочуваат за пример, ги проектираше и овие во Велес. Најприменувано решение во Европа се кружните текови. Ова се најдобрите решенија во овој момент. Мораме да ги менуваме лошите навики“, кажа Коцевски.
Тој како проблем и недостаток во сообраќајот во градот наведе две причини поради кои се создаваат колони возила.
„Сѐ уште немаме катна гаража и не е започнато зонското паркирање. Катна гаража би се градела до паркингот спроти Бирото за вработување, кај автобуската, и тоа ако успееме да го донесеме ДУП до изборите. Зонското паркирање би започнало за неколку месеци. Тогаш сѐ би дошло на свое место“.
Коцевски се осврна и на поставените пластични столпчиња пред пешачките премини, за кои исто така има реакции кај одделни возачи.
„Безбедноста, пред сѐ, на децата е многукратно зголемена. Возачите требаше да знаат дека 10 метри пред пешачки е забрането паркирање, исто како и пред крстосници, но некои не го практикуваат тоа“, дополни Коцевски.
П. ПЕЧКОВ