ВЕЛЕШАНИ СО СЕКОЈА ЛОКАЛНА ВЛАСТ СЕ РАСПРАВААТ ДАЛИ КРУЖНИТЕ ТЕКОВИ СЕ ПРЕГОЛЕМИ ИЛИ ПРЕМАЛИ

    ВЕЛЕШАНИ СО СЕКОЈА ЛОКАЛНА ВЛАСТ СЕ РАСПРАВААТ ДАЛИ КРУЖНИТЕ ТЕКОВИ СЕ ПРЕГОЛЕМИ ИЛИ ПРЕМАЛИПостојните кружни текови се најдоброто сообраќајно решение, тврди градоначалникот Коцевски (Фото: СДК.МК)

    Велешани со години се расправаат со локалната власт за кружните текови. На претходната ѝ забележуваа дека гради преголеми, на сегашната дека се премали. Граѓаните се во дилема кога и дали се зборува вистината и дали секој градоначалник го толкува законот за себе. Актуелниот Аце Коцевски, градежник по струка, вели дека сообраќајното решение е проектирано од врвен сообраќаен експерт, имало позитивна ревизија и добиле сообраќајна согласност од МВР.

    „Се работи за различни видови на кружни текови. Има правилници кои ја регулираат таа материја и точно се знае колкав треба да биде радиусот или дијаметарот на кружницата за одредена сообраќајница. Тие на влезот и кај Авона се големи кружни текови, а уште поголем ќе биде тој кај семафорите што ќе го градиме, додека овие малите, неодамна изградени, служат за насочување на сообраќајот. Истиот проектант кој ги правеше кружните текови во Кавадарци и Кичево, кои некои ги посочуваат за пример, ги проектираше и овие во Велес. Најприменувано решение во Европа се кружните текови. Ова се најдобрите решенија во овој момент. Мораме да ги менуваме лошите навики“, кажа Коцевски.

    Тој како проблем и недостаток во сообраќајот во градот наведе две причини поради кои се создаваат колони возила.

    „Сѐ уште немаме катна гаража и не е започнато зонското паркирање. Катна гаража би се градела до паркингот спроти Бирото за вработување, кај автобуската, и тоа ако успееме да го донесеме ДУП до изборите. Зонското паркирање би започнало за неколку месеци. Тогаш сѐ би дошло на свое место“.

    Коцевски се осврна и на поставените пластични столпчиња пред пешачките премини, за кои исто така има реакции кај одделни возачи.

    „Безбедноста, пред сѐ, на децата е многукратно зголемена. Возачите требаше да знаат дека 10 метри пред пешачки е забрането паркирање, исто како и пред крстосници, но некои не го практикуваат тоа“, дополни Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари