ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ ЌЕ ПЛАТИ КАЗНА ОД 50.000 ЕВРА ЗА ЕКОЛОШКИОТ ИНЦИДЕНТ ОД 27 СЕПТЕМВРИ

    ВЕЛЕШКА „МАСЛОДАЈНА“ ЌЕ ПЛАТИ КАЗНА ОД 50.000 ЕВРА ЗА ЕКОЛОШКИОТ ИНЦИДЕНТ ОД 27 СЕПТЕМВРИВо пожарот во еден од силосите изгореа 400 тони пелети со сончоглед (Фото: СДК.МК)

    Велешка „Маслодајна“ се обврзала да плати 50.000 евра казна за пожарот што се случи на 27 септември годинава, кога во еден од силосите дошло до самозапалување на 400 тони пелети со сончоглед. Поради огнот, мирисот на гареж и чадот, велешани силно реагираа.

    Општина Велес информираше дека минатата седмица се одржала седницата на Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина, на која присуствувале претставници од „Благој Ѓорев” АД Велес и овластениот инспектор за животна средина од Општина Велес, Билјана Шуркова-Манаскова, која ја водеше инспекциската постапка.

    „На седницата се склучи и потпиша спогодба од сите три страни за плаќање казна во износ од 50.000 евра за правното лице, која треба да се плати во рок од 15 дена“, пишува во информацијата од локалната власт.

    Извршниот директор и одговорното лице за животна средина во „Маслодајна“ се казнети со по 15.000 евра, но глобата е условна и ќе се изврши доколку во рок од една година тие сторат нов прекршок од областа на животната средина.

    „Маслодајна“ сѐ уште нема Б-интегрирана еколошка дозвола, која е во постапка од 2013, но има дозвола за усогласување. Најголема пречка за добивање на оваа дозвола биле трите котли, два на мазут, еден на пелети.

    Самозапалувањето на пелетите и техничката неисправност на сондата, која ја мери температурата во внатрешноста, биле причините за пожарот, констатираше надлежниот општински инспектор за животна средина по извршениот вонреден надзор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира