Инфективното одделение на Општа Болница Велес наместо 15 сега има капацитет од 35 кревети, а оспособен е и вториот кат на ова одделение, откако бројот на болни од коронавирус за пет дена се искачи од 10 на 32 пациенти.
„Таму моментално се сместени 18 пациенти, 11 од нив имаат КОВИД-19, а за седум лица кои имаат симптоми се чекаат резултати“, изјави д-р Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа Болница Велес.
Извршено е и опремување на новооспособените соби, како и екипирање со персонал. Вчера беше соопштено дека еден здравствен работник од ова одделение има коронавирус.
Неделкова соопшти дека досега два пациенти се оздравени, а тоа се првозаболените, поврзани со шумското стопанство „Бабуна“. Нивен 58-годишен колега денес почина на Инфективна клиника во Скопје, што е втор смртен случај со коронавирус во Велес.
П. ПЕЧКОВ