ВЕЛЕШКАТА ФАБРИКА ЗА ВОДА ПО 28 ГОДИНИ ДОБИ НОВ ОЗОНАТОР ЗА ПРОЧИСТУВАЊЕ

    ВЕЛЕШКАТА ФАБРИКА ЗА ВОДА ПО 28 ГОДИНИ ДОБИ НОВ ОЗОНАТОР ЗА ПРОЧИСТУВАЊЕСо новиот озонатор се обезбедува квалитетна и безбедна вода за пиење (Фото: СДК.МК)

    Фабриката за преработка на вода на ЈКП „Дервен“ доби нов озонатор, инвестиција вредна 240.000 евра. Досегашниот озонатор беше во употреба од 1991, односно откако постои фабриката, па беше со застарена технологија и отежнато се набавуваа резервни делови. Фабриката се снабдува со сирова вода од ЈВП „Лисиче“. Затоа при третманот на водата е потребно да се воведат оксидациони и дезинфекциски процеси со помош на хемискиот елемент озон, велат стручњаците.

    „Поради застареноста на постојниот озонатор, имавме годишни трошоци за одржување од 10-15.000 евра. Тој е од исклучителна важност за фабриката, за да обезбедиме физичко-хемиски и микробиолошки исправна вода, која ќе ги задоволува максимално дозволените концентрации, според правилникот за безбедност на вода“, кажа Јагода Аврамова, инженер за квалитет на вода од Фабриката за вода.

    Со новиот озонатор се обезбедува квалитетна и безбедна вода за пиење. Тој е производство на реномираната италијанска фирма „ДЕ НОРА ТПФ 37“, а ЈКП „Дервен“ за него плати 14,75 милиони денари. Овој озон генератор е од најнова генерација и поедноставен за употреба.

    „Озонот е едно ултрасилно дезинфекциско средство. Тој ги убива сите бактерии кои се присутни во водата. Така водата која ја пијат велешани ќе биде бактериолошки најисправна“, кажа Стево Војновиќ од фирмата „Аква инжинеринг“ од Белград, која ја инсталираше опремата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира