ВЕЛЕШКИ УЧЕНИЦИ ГО УЧЕА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК

    ВЕЛЕШКИ УЧЕНИЦИ ГО УЧЕА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИКНа учениците им беа претставени основите на македонскиот знаковен јазик (Фото: СДК.МК)

    Триесетина ученици од велешките средни и основни училишта имаа можност за првпат да го учат знаковниот јазик со кој комуницираат глувите лица во земјава.

    Предавачката Викторија Волак вели дека 90 минути се доволни да се допре до младите и да дознаат нешто повеќе за нивните сограѓани кои не слушаат и затоа користат раце во секојдневна комуникација.

    „Имав можност за првпат да го приближам овој јазик на една ваква млада популација, која досега немала можност да контактира со глуви лица. Вакви настани најчесто се одржуваат во Скопје, ретко надвор од него и тогаш најчесто е за други возрасни групи. На учениците им ги претставив основите на македонскиот знаковен јазик. Секоја држава има свој знаковен јазик“, кажа Викторија Волак од Комисијата за знаковен јазик при Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Република Македонија.

    Таа за почеток им помогна на учениците да ја научат азбуката на македонскиот знаковен јазик.

    „На младите останува светот и треба да ги прошириме видиците и хоризонтите на нивните погледи кои ги имаат во секојдневниот живот. Сите сме еднакви. Младите малку или воопшто не ги знаат Брајовата азбука или знаковниот јазик. Сакаме да ја заинтересираме оваа возрасна група и кон другите писма кои се употребуваат во земјава“, рече Лили Арсова, претседател на Клубот на писатели, кој заедно со невладината ЦЕТ беше организатор на настанот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира