Локалната установа Народен музеј Велес треба да се врати во национална установа, побара директорот Ангел Коруновски пред членовите на Советот.
„Оваа година ни е јубилејна, одбележуваме 80 години постоење, со што сме најстара повоена ваква културна институција во земјава. За да не се судираме со проблемите кои до сега ги имавме, потребно е да прераснеме во национална установа, да го вратиме статусот ко ј го имавме. Лани преживеавме со само тројца вработени, а имаме 11 значајни објекти за одржување, некои од нив се од прва категорија“, кажа Коруновски.
Народниот музеј Велес е формиран на 24 март 1946 по иницијатива на Ѓорѓи Милошев, тогаш професор во велешката гимназија „Кочо Рацин“, а подоцна третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква, Г. Г. Гаврил.
Во ризницата на артефакти на Велешкиот музеј се окарината, глинен музички инструмент кој е стар 6.000 години, пронајден 2007 на локалитетот Мрамор-Чашка од археологот Трајанка Јовчевска, и дијадемата од злато која е од вториот век пред нашата ера, откопана од локалитетот Градиште крај Згрополци од археологот Анита Василковска-Мидова.
Во склоп на музејот постојат четири одделенија: Археолошко, Етнолошко, Историја на уметност и Историско.
„Имаме две одделенија кои се отворени, Археологија и Историја на уметност, додека Историското и Етнолошкото не. Затоа е потребно кадровски да се до екипираме, лани примивме две колешки. Спомен-костурницата е капитален објект, а нема вработен, нема чуварска служба“, рече Коруновски.
Народниот музеј Велес ги поседува Спомен-куќата на Коста Солев-Рацин, Спомен-куќата на Васил Главинов, Спомен-костурницата на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци со пет куќи. Исто така, дадени на управување од локалната самоуправа се и Ликовниот салон, Куќата на Касапови и Куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот.
Советницитте побараа Народниот музеј да започне со продажба на сувенири, предмети кои се заштитен знак на оваа институција. Како предлог беа посочени окарината или златната дијадема.
П. ПЕЧКОВ



