Составот на идниот Совет на Општина Велес, ќе ја доднесе одлуката за цената на ѓубрарината за правните лица, на која реагираа стопанствениците од Општината. Ова беше заклучокот од Иницијативата за тарифата за собирање и транспорт на комунален отпад да се определува врз количеството и видот на отпад и да се утврдува во денари по метар кубен за сите правни субјекти. Таа се најде на седница на Советот, но бидејќи е во тек изборниот процес за локалните избори, не може да се менуваат цените на услугите на јавните претпријатија, па беше оставена за ноември или подоцна.
„На првата седница од новиот Совет се верификува составот, на втората составот на комисиите, така што временската рамка е оваа точка да се разгледува на третата седница. Треба да се најде решение кое ќе ги задоволи сите страни“, рече Даниел Јаневски, претседател на Советот на Општина Велес.
Иницијативата пред советниците беше образложена од Никола Тодоровски, претставникот на бизнис заедницата во Велес, кој кажа дека постојната тарифа е штетна по компаниите во градот.
„После две години од носењето на одлуката овде во Советот, решивме да дигнеме глас и да кажеме дека ова што се случува со наплатата на отпадот, е неправедно. Таа влијае на работата, но и на сите следни инвестиции и инвеститори. Под овие услови, ниту една фирма нема да инвестира, ќе оди во друга општина. Со оваа одлука не се стимулира рециклирањето. Секој може на исто место да ги фрли стакло, комунален отпад, хартија, пластика, бидејќи плаќа по метар квадратен. Со ова се оди против екологијата, таа се погазува. Донесете одлука како поединци, а не како партија. Вашите деца живеат овде и јадат леб од овие фирми. Ако ги нема фирмите, нема ништо“, рече Тодоровски од германската фирма „Јоопоне“ која работи во Велес.
Стопанствениците нивните барања ги забележаа во четири точки, едната од нив е да се плаќа денари по метар кубен за извршена услуга. Втората, ретроактивно, од денот на донесување на одлуката да се изврши ревизија на сите испратени фактури од ЈКП „Дервен“ и нивна корекција. Сите досега доспеани фактури да се сторнираат и издадат нови. Стопанствениците најавија дека ако барањата не се прифатат, тие правдата ќе ја бараат на суд, што некои од нив и го сторија, или ќе престанат со плаќање на ѓубрарината.
Со одлуката на Советот донесена на 15 јуни 2023, имаше случаи бројни деловни објекти кои располагаат со голема површина, но имаат ограничена активност, да создаваат мала количина отпад, за којшто се обврзани да плаќаат високи месечни суми, пресметани според квадратура. Во исто време, мали, но интензивно оперативни субјекти генерираа поголем обем на отпад, но поради мала површина, плаќаат значително помалку.
„Ова го прави нерамномерен и неправеден актуелниот систем на наплата со повреда на принципот на еднаквост меѓу корисниците на јавната услуга, создава економско незадоволство и отпор кај деловната заедница, го намалува стимулот за подобрување на системот за управување со отпад и предизвикува недоверба во начинот на пресметка и наплата“, се вели во писмото од бизнис заедницата кое е испратено до Советот на Општина Велес.
Писмото е потпишано од 60 поголеми стопански субјекти во Велес. Уставен суд одлучувајќи по одлуката не поведе постапка за цената на ѓубрарината.
П. ПЕЧКОВ