ВЕЛОСИПЕДИСТИ СЕ 10 ОТСТО ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ВО СООБРАЌАЈКИ ВО БИТОЛА, НЕМА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ

    ВЕЛОСИПЕДИСТИ СЕ 10 ОТСТО ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ВО СООБРАЌАЈКИ ВО БИТОЛА, НЕМА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИВо Битола велосипедистите мора да се движат по коловоз заедно со возилата; - Од настанот „Критична маса 2018“. (Фото: СДК.МК)

    Околу 10 проценти од сите лица со телесни повреди добиени во сообраќајни несреќи лани на територијата на СВР Битола биле велосипедисти, поточно 34 од 374 повредни. Tешки телесни повреди добиле 13 велосипедисти, а еден и загинал. Ваквите состојби, според експертите, се должат на тоа што сообраќајната инфраструктура за велосипеди или ја нема или е недоволна, сообраќајната култура на другите учесници во сообраќајот не е на завидно ниво, а понекогаш и неправилностите од велосипедистите ги доведуваат во опасност.

    „Со чест на исклучоците, но дел од возачите не нѐ почитуваат како учесници во сообраќајот, како да им пречиме, гледаат да не претекнат, понекогаш и неправилно, не ни даваат предност, нервозни се зашто сме побавни, чкрипат со гумите за да не исплашат“, реагираат волосипедисти.

    Во Битола во 1906 бил формиран еден од првите велосипедски клубови во земјава, наречен „Спорт“, а во 1935 била издадена првата сообраќајна дозвола за возење велосипед, на трговецот Константин Давков. Во градот каде велосипедската култура се негувала пред еден век, денес има многу повеќе моторни возила од велосипеди, а недостигаат велосипедски патеки.

    „Велосипедистите не само што се ранливи учесници во сообраќајот, туку се и загрозен вид, затоа што еден од клучните елементи за поголема безбедност е сообраќајната инфраструктура која пак, сведоци сме дека или ја нема или е недоволна, небезбедна и не е прилагодена на оваа категорија учесници – нема велосипедски патеки, нема ленти за велосипедисти. Поради ваквата лоша регулација, велосипедистите се принудени да се движат по коловоз заедно со возилата, и во тој момент, а имајќи ја во предвид (не)одговорноста на возачите – велосипедистите влегуваат во ризик“, вели прoфесор д-р Јасмина Буневска-Талевска од Технички факултет во Битола.

    Со новата сообраќајна студија што неодамна ја донесе Советот на Општина Битола се предвидува да се изградат повеќе велосипедски патеки. Засега има две во градскиот парк и една пробна на улицата Васко Карангелевски.

    „Од она што регионално ни се случува, видливо е дека напорно се работи на промоција на велосипедскиот сообраќај како активна мобилност, сепак постои едно ‘но’, со кое ја опфаќам од една страна желбата и намерата на носителите на одлуки за помалку сообраќаен метеж, за почист воздух, или пак вело град, за што од друга страна е потребно време за градба на инфраструктура, мотивирање, советување и обука на граѓаните за да започнат со промена на навиките, што е подолг процес, па, желбите и намерите стануваат далечни“, додава Буневска- Талевска.

    Проблем е и тоа што нема задолжително образование и обука за велосипедисти, а по 12. година на децата им е дозволено на велосипеди да учествуваат во сообраќајот. Професорката смета дека овој вид обука треба да се воведе како задолжителна во предучилишните установи и училиштата.

    Од Велосипедскиот клуб „15 мај“ велат дека во последните неколку години во Битола e зголемен бројот на велосипедисти. Но, предупредуваат и на сообраќајни грешки што некои ги прават. Меѓу нив и сѐ почестата навика дури возат велосипед да слушаат музика со слушалки на уво.

    „Возењето велосипед со слушалки на ушите е многу ризично дејствие кое апсолутно не треба да се практикува. Без разлика дали станува збор за возење велосипед во урбани средини или во природа, велосипедистот не е во можност да ги слушне предупредувањата кои доаѓаат до него. Поради безбедноста на тренинзите кои се одвиваат на локалните и регионалните патишта на нашите спортисти им е забрането да носат слушалки на ушите“, вели Африм Јусуфи, тренер и основач на клубот„ 15 мај“.

    Тој наведува и други неправилности – движење на два и повеќе велосипедисти паралелно еден до друг, возење без да се држи воланот за управување со рацете или популарно возење без раце, возење на велосипедот на едно тркалo, па со неисправни сопирачки и друго.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира