ВЕЛУШКА РЕКА ЈА ПОПЛАВИ ЖИВИНАРСКАТА ФАРМА ВО ПОРОДИН, СЕ ПРЕПОЛНУВААТ И ДРУГИ ПЛАНИНСКИ РЕКИ ВО БИТОЛСКО

    ВЕЛУШКА РЕКА ЈА ПОПЛАВИ ЖИВИНАРСКАТА ФАРМА ВО ПОРОДИН, СЕ ПРЕПОЛНУВААТ И ДРУГИ ПЛАНИНСКИ РЕКИ ВО БИТОЛСКОВодата навлезе и во халите каде што се одгледуваат 22.000 животни и зад себе остави тиња и кал (Фото: СДК.МК)

    Велушка Река ја претвори во кал живинарската фарма во Породин, откако вчера се излеа од своето корито и ја поплави. Нема угината живина, но надојдената река предизвика материјална штета.

    Водата навлезе во халите каде што се одгледуваат 22.000 животни, уништи дел од суровините за храна, а целата фарма е во тиња и кал што зад себе ги остави реката.

    „Имаше обилни дождови и дојде до излив на реката и ни направи штети. Покрај стопанскиот двор што ни се поплави, водата навлезе и во халите каде што е живината. Нема штети по живината. Но, ова треба да се чисти, средува и дезинфицира“, вели Ќире Коштревски, одговорен за фармата.

    Тој веќе 40 години се занимава со одгледување живина во Породин и вели дека ваквите ситуации им се познати, зашто Велушка Река и претходно се излевала и ги поплавувала.

    Велушка Река е разлеана низ атарот на селото и поплави земјоделски површини, дрвја и друга вегетација. Ова е само една од надојдените планински реки во Битолско, кои деновиве се преполнија со вода, не само од дождовите, туку и од топењето на снегот на планините поради топлото време. Полни со вода се и Диовска Река, Црвена Река и Лак Поток, притоки кои го подигнаа нивото на Драгор во Битола.

    И почвата во делови од Пелагонија е презаситена со вода. Ниви со житни култури покрај патот Битола-Меџитлија се претворени во езера.

    Во изминатите 24 часа, во Битола наврнаа 25 литри дожд на квадратен метар, а во последните два дена 42 литри на квадратен метар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира