ВЕНКО КРСТЕВСКИ Е НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИ

    ВЕНКО КРСТЕВСКИ Е НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИКрстевски, како независен советник, за в. д. градоначалник на Кочани беше избран на 14 април. (Фото: Фејсбук)

    Актуелниот в. д. градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски, денеска ја објави независната кандидатура за градоначалник на градот за претстојните Локални избори на 19 октомври. Крстевски, како независен советник, за в. д. градоначалник беше избран на 14 април.

    „Заслужуваме безбедено, чисто и модерно Кочани — град кој ќе се развива со срцето на Европа, но управуван од волјата на сопствените граѓани. Во изминатите четири месеци, иако кратки, направивме многу. Но уште поважно, покажавме дека кога постои волја, постојат и решенија. Ова е првото лето кога депонијата не гори. Ова е првото лето кога Кочани не дише пластика. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на работа, храброст и одлуки. Остварив и значајни дипломатски средби со амбасадори, кои ќе бидат нашите партнери и поддржувачи во обновата на Кочани, град што премногу долго беше занемарен и уништуван. Последиците од тоа ги осетивме сите. Јас не ветувам чуда. Јас покажав резултати. Во најтешките моменти бев тука. Не пред камерите, туку пред народот, лице в лице, без страв и без калкулации. Јас не доаѓам да владеам, туку да служам. Ова не е политичка битка. Ова е граѓанска обврска“, објави Крстески на својот фејсбук профил.

    Како нов в. д. градоначалник на Општина Кочани Крстевски дојде на местото на претходниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, кој си даде оставка на 17 март и е еден од 34-те физички лица обвинети за пожарот во дивата дискотека „Пулс“ на 16 март, кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност. Обвинети се и 3 правни лица за пожарот во дискотеката која работела вон сите законски прописи и стандарди и во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.  Истрага се води и против седум полициски службеници од Штип и Кочани

    На 18 јуни, Крстевски до Кочанското обвинителството поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои рече дека работат надвор од законски прописи и стандарди, апелирајќи дека е загрозена безбедноста на жителите и гостите и дека институците не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира