Велигденско јајце високо 2,3 метри е поставено во дворот на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово во пресрет на христијанскиот празник Велигден. Јајцето е изработено во дворот на една куќа во Тетово, а поради неговата големина во дворот на црквата е поставено со помош на дигалка.
„За изработката на ова големо јајце користени се материјали како стиропор и гипс и други материјали што ги имавме дома. Направивме јајце високо 230 сантиметри, а обемот му е 160 сантиметри“, велат верниците од тетовските населби Певчина, Два Бреста и Поток кои учествуваа во изработката.
Старешината на соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“, отец Александар Стојановски, рече дека во православието јајцето го симболизира животот.
„Кога пилињата коишто се во јајцето, ќе ги искршат лушпите и ќе излезат од јајцето, тоа значи се раѓа живот, исто како што и господ Исус Христос, којшто бил 3 дена во гробот, ја искршил гробната плоча и излегол и затоа јајцето е симбол на живот“, вели отец Стојановски.
Денеска уште едно вакво јајце високо 1,7 метри, е поставено и во дворот на црквата „Св. Никола“ во Тетово.
З. АНДОНОВ