ВЕРСКИ ОБЈЕКТ НЕЛЕГАЛНО СЕ ГРАДИ ВО КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА БАВЧИ

    ВЕРСКИ ОБЈЕКТ НЕЛЕГАЛНО СЕ ГРАДИ ВО КУМАНОВСКАТА НАСЕЛБА БАВЧИОбјектот, што се гради на државно земјиште, доби купола и веќе е варосан (Фото: СДК.МК)

    Верски објект никна на брегот на реката Кумановска во населбата Бавчи, спроти комплексот згради кај „Мај маркет“. Објектот почна да се гради пред околу еден месец и првично се претпоставуваше дека се работи само за уште една станбена дивоградба. Но, објектот доби купола, веќе е варосан и најверојатно наскоро ќе биде пуштен во употреба.

    Неофицијално, го гради физичко лице во име на дервишката заедница за извршување на верски обреди.

    Граѓаните кои живеат во тој дел на градот реагираат и бараат надлежните под итно да ја отстранат дивоградбата. Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово велат дека објектот нема одобрение за градба и се подига на државно земјиште, поради што ќе биде отстранет.

    „Овластен градежен инспектор од Општина Куманово излезе на терен откако започна да се гради објектот и констатираше дека се гради нелегално, без дозвола. Имаме записник, кој е потпишан од градителот и донесено е решение за отстранување на објектот. Доколку во дадениот рок не го отстранат сами, ќе се издаде решение за административно отстранување, односно Општина Куманово ќе пристапи кон административно отстранување на тој објект, а трошоците ќе ги сноси самиот инвеститор. Тие и покрај нашата забрана, продолжија со изградба на објектот“, изјавија од Секторот за инспекциски надзор.

    Оттаму додаваат дека покрај тоа што ќе биде урнат објектот, инвеститорите ќе заработат и кривична пријава за нелегална градба на узурпирана површина.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира