Членови на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав – ЗАПВАРС Куманово, викендов чистеа споменик од НОБ во општина Липково, подигнат во чест на борците на Кумановско-карадачкиот партизански одред, кои загиналe на 14 октомври 1941 година во борба со бугарскиот фашистички окупатор. Споменикот се наоѓа на м.в. „Воденица“ во планинското село Белановце на македонско-косовската граница на тешко пристапен терен, запуштен е и обраснат во дрвја, па ветераните морале да го исчистат за да положат цвеќе.
„На ова место на 14 октомври 1941 година Кумановско-карадачкиот партизански одред водеше херојска борба со бугарската окупаторска војска и полиција за национално и социјално ослободување на македонскиот народ и братските народи и народности на Југославија. Во борбата загинаа Боро Менков – командант на одредот, Перо Чичо, Бајрам Шабани, Магдалена Антова, Киро Бурназовски, Аритон Димковски – Тонко и Наце Буѓони“, пишува на плочата пред споменикот, кој бил подигнат 1986 година од Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОБ Куманово.
Тројца од загинатите партизани Боро Менков, Перо Чичо и Бајрам Шабани се прогласени за народни херои.
Карадачкиот партизански одред е формиран на 11 октомври 1941 година, поради што Куманово се смета за град првоборец каде пукнала првата пушка и започнало Народното востание. Разбиен е два дена по неговото формирање. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват. Речиси сите биле членови на КПЈ и СКОЈ. За командант на одредот бил назначен Боро Менков, а за политички комесар Перо Георгиевски – Чичо.
Од зборното место на Менкова колиба одредот се упатува на Карадачкиот терен со задача да го разгори востанието во тој крај со претежно албанско население. Во утринските часови на 13 октомври Одредот пристигнува во реонот на село Белановце и се засолнува во една напуштена воденица.
Откако дознал дека одредот се наоѓа во воденицата, селскиот кмет ја известува бугарската полиција во Куманово. Веќе следниот ден, на 14 октомври, в зори, бугарската војска и полиција, под команда на поручникот Љубомир Цеков, го опколила и го нападнала одредот, и по едночасовна борба успеала да го разбие. Во битката загинале седуммина борци, додека останатите осум биле заробени. Во борбата загинале Боро Менков, Перо Георгиевски – Чичо, Магдалена Антова (прва жена борец од Македонија која загина во НОВ), Киро Бурназовски, Аритон Димковски – Тонко и Бајрам Шабани, а Наце Ивановски – Буѓони е стрелан на лице место. Останатите биле затворени.
На 15 октомври 1941 година затворените борци се изведени пред бугарскиот Воен суд во Куманово, кој ги осуди на смрт со бесење, а со право на жалба, Евица Георгиевска – Кипра, Благој Думановски – Пецкалија, Бојан Милковски, Коста Јовчевски и Славко Георгиевски, додека Перо Менков и Алириза Јусуфи, како малолетни, ги осуди на 15 години строг затвор. На 30 јануари 1942 година, смртната казна на осудените на смрт им е заменета со доживотна робија
Споменикот на првите загинати кумановски партизани се наоѓа во Општина Липково и никој не се грижи за него.
Слична е состојбата и со 60-тината кумановските споменици од НОБ. Пет се меморијални споменици и се под надлежност на државата, а за останатите спомен обележја, бисти и плочи се под локалната самоуправа.
С. НИКОЛИЌ